Детето со синдром на коса што не се чешла

7-годишната Шила Јин е само една од 100-те луѓе во светот со состојба позната како „синдром на коса што не се чешла“. Наместо надоле, косата ѝ расте од скалпот во сите насоки и не може да биде исчешлана.

Шила (од Мелбурн, Австралија) е родена со нормална коса, но родителите забележале дека почнуваат да ѝ растат чудни прамени кога имала само 3 месеци. Тоа продолжило и во иднина, а на 4 години веќе почнала да го привлекува вниманието и на другите деца.

Ни Шила, ни нејзините родетиле не знаеле дека постои таков синдром. Откриваат дури пред една година. Оттогаш работат на тоа да ги „едуцираат“ и другите околу неговото постоење, главно преку Инстаграм, или кога некој ќе ги праша што е со косава на детево, што е често. Како и ние на почетокот, и другите мислат дека мајка ѝ и татко ѝ на Шила се зезаат кога ќе спомнат „синдром“. Ама кратка проверка на Гугл вика, не, стварно постои.

Според американскиот Национален институт за здравје, синдромот на нечешлачка коса се јавува во детството и е почест кај децата со сребреникава или коса со боја на сено. Се верува дека состојбата е генетска, макар што никој во семејството на Шила нема таква коса. Ја предизвикуваат одредени гени што имаат улога во формирањето на коренот на косата.

Лек за синдромот нема, ама доказите велат дека како што детето расте, најчесто косата му станува полесна за манипулација и чешлање, а некогаш се враќа и во нормала.

Некакви сериозни последици од синдромот нема, освен тоа што косата е ужасно тешка за средување. Мајка ѝ на Шила секое сабајле ѝ ја прска косата со раствор за отплеткување, и поминува од 10 до 20 минути во многу внимателно чешлање со широк чешел. Потоа следува фенирање, ама од татко ѝ.

- Реклама -