Манифестот до Гугл не е сексистички и не против различноста. Базиран е на наука!

Досега сигурно чувте дека авторот на „анти-диверзитетниот“ манифест до Гугл – инженерот Џејмс Дамор, е отпуштен од работа.

Во манифестот, насловен „Идеолошката ехо-комора на Гугл“, Дамор ја прозва моменталната PC култура, наведувајќи дека меѓуполовиот јаз во платите и бројноста не е последица на дискриминација, туку на вродени биолошки разлики во интересите на мажите и жените. Тој смета и дека компанијата не треба толку да се посветува на „половиот диверзитет“, туку повеќе на „идеолошки диверзитет“.

Даниеле Браун, новата потпретседателка на Гугл за диверзитет, интеграција и управување, го обвини авторот на меморандумот дека пропагира „стари полови стереотипи“ и „неточни претпоставки околу полот“. Јавноста, барем најголемиот дел, го обвини инженерот за сексизам и мизогинија. Отказот на Дамор следува токму како резултат на реакцијата на јавноста. Во меѓувреме, Браун потврди дека Дамор е отпуштен. Исто така во меѓувреме, 60 жени размислуваат да го тужат Гугл за сексизам и разлика во платите.

Ама… Без разлика како беше претставен, меморандумот е всушност фер и фактички прецизен. Со други зборови, базиран врз наука. Научните студии потврдуваат дека постојат полови условени разлики во мозокот, кои водат кон разлики и во интересите и однесувањето меѓу мажите и жените. Како што се споменува во меморандумот, интересите во зависност од полот се предодредени од пренаталната изложеност на тестостерон – повисоките нивоа се поврзани со наклонетост кон механички интересни нешта и професии во зрелата возраст. Пониските нивоа на пренатален тестостерон се поврзуваат со наклонетост кон активности и професии поврзани со и околу луѓе. Токму ова е главната причина што науката, технологијата, инженерството и математиката се сфери во кои доминираат мажите.

Доказот за тоа се гледа кај девојчињата со генетска состојба наречена конгенитална адренална хиперплазија, кои се изложени на невообичаено високи нивоа на тестостерон во матката. Кога се раѓаат, овие девојчиња преферираат играчки со тркала (камиони и колички) и други типично-машки играчки, дури и ако попозитивен фидбек од нивните родители добиваат ако играат со кукли, т.е. типично-женски играчки. Слично на нив, машките кои претежно се интересираат за типично-женски активности, најчесто се изложени на пониски нивоа на пренатален тестостерон.

Исто така, новите истражувања од сферата на генетиката покажуваат дека тестостеронот влијае и на програмирањето на невралните матични клетки, што води до полови разлики во мозокот дури и пред да заврши неговото формирање во матката. Ова дополнително сугерира дека нашиот интерес кон разни полиња е силно афектиран од самата биологија, спротивно на ставот дека машко-женските преференци се стекнати или „конструирани“ од општеството.

Многу луѓе, вклучително и поранешен вработен на Гугл, се обидоа да ги побијат поентите на меморандумот, наведувајќи дека се базирани врз резултати од студии што се косат со најновите истражувања. Ама всушност, илјадници и илјадници студии го потврдуваат обратното. Студијата кон која овој поранешен вработен на Гугл веројатно алудира како на „најнови истражувања“ е веројатно таа од 2015-та, во која се тврди дека машките и женските мозоци се мозаик и дека е невозможно да се разликуваат според полот. Арно ама, таа студија во меѓувреме беше побиена од четири други академски студии (1 , 2 , 3 , 4). Во овие четири спаѓа и студија која ги анализираше истите податоци од таа од 2015-та, и успеа да го утврди полот кај дадените мозоци со точност од 69 до 77%. Со други зборови, далеку е од „невозможно“.

Прочитајте и:  Google ќе мора да го продава Chrome

Се разбира, разлики постојат на индивидуално ниво, а и не може да се негира фактот дека околината (или ете, општеството) игра улога во нашето формирање. Ама тврдењето дека не постојат разлики меѓу половите (при набљудување на половите просеци), или дека општеството има поголемо влијание од биологијата, е едноставно невистинито. Бонус, истражувањата покажуваат дека кај културите/општествата со поголема полова еднаквост постојат поголеми полови разлики од аспект на изборот на професии меѓу мажите и жените, бидејќи во овие општества луѓето се слободни да ја изберат својата професија врз основа на тоа во што уживаат (читај: не им се наметнуваат мислења дека во секоја професија мажите и жените треба да бидат застапени 50-50).

Како што се сугерира во меморандумот, потерата по 50%-на застапеност на жените во науката, технологијата, инженерството и математиката (скратено ги викаат STEM) е нереална. Напротив, колку што ќе се зголемува еднаквоста меѓу половите во општествата во развој, очекуван е толку поголем јаз меѓу половите.

Горенаведените трендови важат и во сферата на личноста. Наспроти тврдењата на агитаторите, жените се всушност поподложни кон невротицизам и попуштање, а пројавуваат и пониска толеранција на стрес.

Проблемот денес е што некои намерно ја одбиваат науката бидејќи се плашат дека ќе го потврди спротивното од нивните убедувања; во случајов, стравот е дека науката оди во прилог на помалата застапеност на жените во STEM сферите, не од аспект дека ја промовира или застапува, туку од аспект дека причината за истата ја наоѓа во биолошката предодреденост на машко-женските интереси, а не во „општеството владеено од мажите“.

Сепак, кога има сексизам, тој не е базиран на непознавање на научните факти (тие се лесно достапни), туку на изборот што ќе се прави со нив.

Наместо лутата јавност (пред сé, интернет толпата) да се занимава со негирање на биолошката реалност и со барања за делење на откази на луѓе кои не ги заслужуваат, како Џејмс Дамор, треба да се занимава со вистинските случаи на сексизам, кој најчесто не се базира на незнаење на научните факти (лесно се достапни), туку на нивна намерна лоша интерпретација. Наместо да се занимава со полов диверзитет, треба да се занимава со многу поважната промоција на идеолошкиот диверзитет, за што впрочем се залага и Дамор во својот манифест. Со неговото отпуштање и бранот од критики што ги доби од јавноста, само ја докажа својата поента – дека во Гугл (и пошироко) владее едноумието.

PS. Сé ова погоре (со наши дополнувања) го пишува Дебра Со – жена!

PPS. Додека го пишувавме текстов, стигна информација дека Џејмс Дамор добил понуда за работа во Викиликс, од Жулијан Асанж лично.

- Реклама -