На плажа во Северна Кореја

Многумина забораваат дека Северна Кореја има прилично долг брег. Тоа значи дека и Севернокорејците, како и останатиот свет, сакаат да поминат релаксирачки денови на плажа, капејќи се во сончевите зраци и водите на Тихиот океан.

Додуша, нивното „плажно“ секојдневие благо се разликува од тоа што вообичаено се смета за стандардно. Како што покажуваат фотографиите снимени од главниот фотограф за Северна Кореја на AFP – Ед Џонс, нивното вклучува многу веселба, пеење, танцување, и печени школки на скара.

Повеќето Севернокорејци летните одмори ги поминуваат во Нампо – крајбрежен град што лежи југозападно од Пјонгјанг. Самите гужви на фотографииве (да, сериозно ова важи за гужва) потврдуваат дека се работи за популарно летувалиште меѓу Севернокорејците.

Во последно време местото станува сé попопуларна дестинација и за странските туристи.

Град покрај море, во севернокорејски стил.

Спомавме пеење. А штом имате Азијати и пеење, автоматски имате караоке. Момчињава на следниве слики носат баш тоа – караоке машина.

Спомнавме и танцување. Можеби ги води луд лидер што рака под рака со Трамп ќе го втурне светот во нуклеарна војна. Ама кога ги гледате Севернокорејците на плажа, нема ни трага од таквата реалност. Напротив, делува повесело и позабавно дури и од нашите „модерни“ концепти за плажа.

Мислиме на фотографии од цевки, лимони, лежалки и постигнатото од последните 6 месеци поминати во теретана. Кај нив се фотографии од обични луѓе со насмеани фаци и некоја си нивна варијанта на конга „вовче“.

- Реклама -