Русија vs. САД: Нова рунда Студена војна

Дојче Веле – Бон

Ако до сега тлеела, овие денови дефинитивно згасна руската надеж за нов почеток во односите со САД. Одлуката на Конгресот да ги заостри санкциите за Москва предизвика мешавина од отрезнување, зачуденост и потреба за одмазда, а многу руски политичари и експерти дури зборуваат и за враќање на Студената војна, објави германското државно радио Дојче веле.

„Вашингтон на Москва официјално ѝ објави студена војна” – вели новинарот и публицист Константин Егерт за германското радио.

Тој укажува на симболиката со која Конгресот практично ја стави Русија во иста линија со Северна Кореја, бидејќи во изгласаниот закон за санкциите е и пакетот против Пјонгјанг и Техеран.

„Запечатен е статусот кон Русија како непријател” – вели Егерт.

Како што вели тој, Русија за американскиот естаблишмент стана дел од метафоричката „Оска на злото” која ја воспостави претседателот Џорџ Буш Јуниор.

Егерт смета дека е можна ескалација во Сирија или во источна Украина, како вид на руска реакција.

Станува збор за најостри санкции на САД против Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт од 2014 година.

Претставничкиот дом новите мерки ги образложи со обидот на Москва со хакерски напади да се замеша во предизборната кампања за американските претседателски избори, што Москва го негира.

Новите ограничувања, меѓу другото, го погодуваат енергетскиот сектор, клучен сектор за руското стопанство. Пред предлог законот да биде проследен до претседателот на потпис за него мора да гласа Сенатот.

Уште од почетокот на јули, по првата средба со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Самитот G20 во Хамбург, Владимир Путин изрази тивка надеж во повторно воспоставување на соработка. „Во најмала рака делумно” – рече шефот на Кремљ.

Дали надежта сега умре? Портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, во средата не одговори конкретно.

Одлуката на Конгресот за новите санкции во секој случај е многу тажна, рече тој. Кремљ ќе се воздржи од реакции сé додека законот не се усвои.

Новите санкции ја прават нормализацијата на односите невозможна во догледно време, рече заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, а пренесе „Дојче веле”.

„Ние повеќе нема да фрламе бисери” – рече Рјабков. Таа реченица во медиумите се толкува како алузија на „Беседата на Гори”, во која Христос предупредува дека не треба да се фрлаат бисери пред свињи. Овој цитат од Библијата е една од најострите изјави на Москва кон Вашингтон во последните неколку месеци.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

По изборната победа на Трамп, Русија во дипломатска смисла беше воздражана и избегнуваше критики на сметка на САД. Освен тоа Москва се откажа од конгломератот кога Барак Обама минатата година како реакција на наводните хакерски напади, протера над 30 руски дипломати од земјата и практично им одзема две дипломатски одмаралишта на Русија.

Михаил Таратута, реномиран руски експерт за САД и поранешен дописник од Вашингтон, смета дека Владимир Путин сега е пред дилема. Слабата реакција на Кремељ би била интерпретирана како слабост, напиша Таратута во блогот за радиото Ехо на Москва.

„Жестока реакција би значело крај на најголемиот сон на Кремљ, имено – да се постигне согласност со Трамп и односот со Америка конечно да се подобри. Жестока реакција е најверојатна” – смета Таратута.

Ако стапат на сила новите санкции, што во Москва се смета за готова работа, многумина во Русија очекуваат протерување на американските дипломати. Константин Косачов, претседател на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата, се залага за „асиметрична” реакција која би била „болна за Американците”.

Дека тоа може да се случи Русија го покажа во 2012 година, кога Москва им забрани на Американците да посвојуваат руски деца. Се зборува за претстојна „спирала на санкции”. Некои експерти се запрепастени. „Во дадените околности воопшто не е јасно што Русија треба да направи” – вели Фјодор Лукјанов, шеф на трустот на мозоци на Советот за надворешна и одбранбена политика, кој е близок до руската влада.

На државната руска телевизија американските санкции се претставени како европски проблем. Дел од мерките се насочени против фирми кои соработуваат со Русија и енергетскиот сектор.

Експлицитно се наведува проектот за гасоводот Северен тек 2, кој треба да испорача повеќе гас од Русија преку Балтичкото море директно во Германија, наведе германското државно радио.

Германија и Австрија веќе ги критикуваа можните последици од американските санкции. И Брисел покажа загриженост.

Рускиот министер за економија – Максим Орешкин, вели дека санкциите се „удар против енергетската безбедност на Европа”.

Руските експерти американските санкции ги ставаат на столбот на срамот на економски мерки, и сметаат дека се со цел да ѝ се создаде конкуренција на Русија на европскиот енергетски пазар. Во тој контекст политичарот Косачов бара договор меѓу Москва и Брисел. Можна е моќна алијанса, така се надева тој, пренесе германското државно радио.

- Реклама -