11 факти за светската популација што можеби не ги знаете

Секоја година, светската популација се зголемува за 83 милиони луѓе. Во моментов има над 7.5 милијарди, а до 2050-та, според сите проценки, ќе има речиси 10 милијарди.

Но популационите трендови се  разликуваат од земја до земја – некои доживуваат брз пораст, а други се намалуваат. И едното и другото претставува предизвик за владите на тие земји. Во земјите каде што населението се намалува, владите мораат да мислат на тоа како ќе ги издржуваат постарите лица (пензионерите) при намален број на младо работоспособно население кое би плаќало за тоа. Земјите, пак, со растечка млада популација, мораат да се бават со тоа како да ги прехранат и да им обезбедат едукација и здравствена грижа.

Врз светската популација влијаат три главни фактори: наталитетот (плодноста), смртноста и миграцијата. Следуваат неколку факти изведени од податоците на Светскиот економски форум и најновите проспекти за светска популација на Обединетите нации.

1. До 2024 година, Индија ќе ја помине Кина и ќе стане земјата со најбројно население. Моментално Кина има популација од 1.4 милијарди луѓе, а Индија е веднаш зад неа, со 1.3 милијарди. Заедно сочинуваат 37% од светската популација.

2. Најбрз пораст на населението има Нигерија. Моментално, земјата е 7-ма на листата на најбројни земји, но до 2050-та ќе се искачи на 3-тото место на листата, поминувајќи ги САД.

Моменталната листа е ваква (изразена во илјади):

1. Кина 1.397.029
2. Индија 1.309.054
3. САД 319.929
4. Индонезија 258.162
5. Бразил 205.962
6. Пакистан 189.381
7. Нигерија 181.182
8. Бангладеш 161.201
9. Руска Федерација 143.888
10. Јапонија 127.975

3. Наталитетот опаѓа на светско ниво. Од 1960-тите, глобалната стапка на наталитетот е опадната на просек од 2.5 деца по жена. Сепак, тој просек е изведен од две мошне различни фигури: во Африка просекот е 4.7 деца по жена, а во Европа – 1.6 по жена.

4. Половина од растот на популацијата ќе се случи во 9 земји. Од 2017-та до 2050-та, Индија, Нигерија, Демократска Република Конго, Пакистан, Етиопија, Танзанија, САД, Уганда и Индонезија најмногу ќе придонесат за раст на населението. Тоа значи дека популацијата на Африка ќе се зголеми речиси двојно од сега до 2050-та.

5. Европското население ќе се намали. Кога наталитетот паѓа под 2.1 дете по жена, се смета за „под-замена“. Тоа значи дека нема доволно родени бебиња за да ги заменат местата на нивните родители во светската популација. Ова веќе се случува во Европа.

6. Речиси половина од светското население живее во земји со низок наталитет. Меѓу 2010-та и 2015-та, 46% од светската популација живеела во 83 земји, каде наталитетот е под границата од 2.1 деца по жена.

7. Светската популација старее. Константно расте бројот на луѓе што живеат до зрела старост. Во 1950-та имало многу повеќе млади отколку стари луѓе. Во 2017-та, има помалку млади, и повеќе стари луѓе. До 2050-та, сепак, бројките ќе се изедначат.

8. Живееме подолго. Глобално земено, очекуваниот животен век се зголемува. Во периодот од 2000-та до 2015-та, просечниот очекуван животен век при раѓање е пораснат за речиси 4 години, од 67 на 71 година. Во периодот меѓу 2045-та до 2050-та се очекува да се искачи на 77 години, а во периодот од 2095-та до 2100-та – на 83 години.

9. Разликите во очекуваниот животен век ќе се намалат. Очекуваниот животен век во Африка во периодот од 2010-та до 2015-та беше 60 години, за разлика со Северна Америка – каде што е 79 години. Како и да е, очекуваниот животен век брзо се зголемува и во Европа и во Африка, па до 2050-та се очекува разликите значително да се намалат.

10. Африка има релативно млада популација. Европа, не баш. Во 2017-та, 60% од африканската популација е помлада од 25 години, а само 5% имаат или се постари од 60 години. Во Европа, само четвртина (25%) од населението е помладо од 25 години. Исто така, дури една четвртина се стари 60+ години.

11. Глобалната миграција се намалува. Меѓу 1950-та и 2015-та, во Европа, Северна Америка и Океанија, повеќе луѓе се доселени отколку што се иселени. Во Африка, Азија, Латинска Америка и Карибите, повеќе луѓе ги напуштиле земјите, отколку што се доселиле.

Миграцијата го достигна врвот во периодот од 2005-та до 2010-та година, со 4.5 милиони луѓе кои мигрираа меѓу големите региони на светот на годишно ниво. Меѓу 2010-та и 2015-та, бројката е 3.2 милиони луѓе.

Миграцијата може да е едиствениот начин за земјите со низок наталитет да избегнат намалување на населението.

 

- Реклама -