„Програмата за 26-ти јули: Започнуваме во 5 часот, со музика од плочи. Ќе ја слушате мелодијата на Шарл Азнавур – Vivre avec toi… Прогноза за утрешното време: Сончево и топло… Драги слушатели, ви пожелуваме добра ноќ“, се одјави радио Скопје вечерта на 25 јули пред 54 години, на најтоплиот ден годината, кога плажите на Вардар беа преплавени со капачи.
Неколку часа подоцна, ја немаше најавената мелодија. Радио Скопје се огласи со поинаков тон:
„Зборува радио Скопје. Ви се јавуваме од импровизираното студио со својата прва емисија по катастрофалниот земјотрес што утринава, на 26 јули, во 5 часот и 17 минути, го снајде нашиот град…“
Деталите продолжуваат тука.
* * *
Васил Хаџиманов (роден во Кавадарци, на 14 јануари 1906 – 16 декември 1969, татко на Зафир) е еден од најзначајните македонски етномузиколози. Бил страсен собирач и пропагатор на македонскиот фолклор, и колекционер на околу 8.000 македонски народни песни и ора, од кои 5.000 биле средени во зборници. За неговото дело зборуваат еден куп негови реферати и научни студии, но и бројни признанија и награди, меѓу кои и наградата на Владата на НР Македонија. Бил член и на здружението на етномузиколозите во Њујорк, како и на Интернационалното здружение на музичките фолклористи во Лондон.
Во 1967 година, македонскиот магазин „Синерама“ пишуваше статија за музиката на Хаџиманови, а воедно направи и интервју со Васил. Во еден дел од интервјуто, го прашаа и да сподели свое доживување, некое кое би им било интересно и на читателите. Васил го раскажа следново:
„Се случи тоа на Меѓународниот конгрес на етномузиколози во Будимпешта. Тогаш поднесов реферат за македонските тажалки (тажни песни) настанати по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.
Се работеше за 180 тажалки што ги бев собирал и анализирал. Песните предизвикаа голем интерес меѓу учесниците на собирот. За време на рефератот, илустриран со музички примери т.е. снимки од тажалките, целата сала плачеше.
Мислам дека во тој момент сите го сфатија и почувствуваа размерот на општата и големата болка на тешко ранетиот град, и дека длабоко сочувствуваа со настраданите скопјани“.
– Се знае ли бројот на тажалки настанати по катаклизмата?, го потпраша Синерама.
„180-те тажалки, како што сте добро информирани, ме разболеа и ме легнаа во кревет на шест месеци, па морав да прекинам со работата. Верувам дека има уште околу тристотина. Ако смогнам сили, ќе ги запишам и нив“, одговори Хаџиманов.
Извор: Југопапир
* * *
Ова е само една од песните посветени на скопскиот земјотрес:
А ова во продолжение е документарниот филм посветен на скопскиот земјотрес од ’63-та – „Скопје ‘63“, во режија на хрватот Вељко Булајиќ – најголемиот југословенски режисер во тоа време (под негова палка се снимаше и најскапиот партизански филм „Неретва“). За „Скопје ‘63“ доби низа домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и Grand prix „Златен лав“ на фестивалот во Венеција, награда од филмската критика на фестивалот во Кан, награда на фестивалите во Единбург и Белград, награда од градот Загреб, признание „Јавна благодарност“ од градот Скопје, итн.
Во филмот може да се види и нешто што им е од прва рака познато само на најстарите генерации – како со динамит се дорушени зградите што беа сериозно оштетени во земјотресот.
Извор/кредитс: 8Shit Македонија
Ако ѕирнете на YouTube во коментарите под документарецот, ќе наидете на корисник по име Dsulai. Вика вака:
„Ова е еден од најдобрите филмови што некогаш ги имам гледано. Татко ми ми кажа дека го гледал тој филм кога имал 14 години, во Источна Германија, заедно со целиот клас. По гледањето на филмот, сите ученици во класот плачеле“.