Атлетико Мадрид втор пат во последните три години се закити со трофејот во Супер купот на Европа, откако синоќа, во фантастичен меч му одржа лекција по модерен фудбал на актуелниот европски првак Челзи, декласирајќи го со 4:1.
Свое шоу на стадионот „Луј Втори“ во Монако одржа Радамел Фалкао, којшто уште еднаш демонстрираше дека е најдобар голгетер во Европа, откако само во првото полувреме три пати го матираше Петр Чех, најавувајќи го големиот триумф на Атлетико.
Со тоа, Фалкао стана првиот фудбалер по Ференц Пушкаш (во 1962 година против Бенфика) што успеал да постигне хет-трик во едно полувреме од меч од Супер-купот на Европа, што е уште еден доказ за неверојатните квалитети на Колумбиецот, но и придонесува повторно да се појави прашањата зошто најголемите европски клубови не се поупорни во обидите да го доведат овој неверојатен голгетер во своите редови, а трошат огромни пари на други „непроверени“ играчи на големата сцена.
{youtube}pDWvRIywcLs{/youtube}
За изданието на Фалкао најдобро говори податокот дека тој во првите 45 минути упатил пет удари кон голот на противникот, од кои што три завршиле во мрежата, а две во дирекот од голот на Петр Чех.
Откако сите дилеми околу победникот беа разрешени уште во првото полувреме, во вториот дел Миранда зголеми на 4:0 за Атлетико, пред Кејхил да го постигне почесниот гол за Челси.