Кравите ни даваат сирење, месо и млеко, а сега и им помагаат на научниците да развијат вакцина против ХИВ вирусот. Ако тоа успее, ништо чудно што во Индија ги сметаат за свети.
Студијата објавена во Nature, имено, објаснува дека иако кравите не можат да бидат заразени со ХИВ, тие можат да продуцираат антитела за да ги блокираат таквите и слични инфекции. Тоа на научниците им нуди долго чекана можност за подобро да разберат како имуниот систем развива такви антитела.
Една од најголемите загатки за начниците кои работат на ХИВ вакцина е тоа зошто луѓето со ХИВ не продуцираат доволно ефективни антитела за да се борат со вирусот. По инектирањето на четири телиња со ХИВ имуногени, научниците откриле дека кравите, од друга страна, не само што произведуваат моќни антитела против ХИВ, туку ги произведуваат и многу брзо.
Потоа овие антитела се изолирани, а истражувачите ќе ја проучуваат нивната индивидуална ефективност против ХИВ вирусот, барајќи притоа начин да предизвикаат создавање на вакви антитела и во човечкото тело.
„Од аспект на научник, ова е навистина возбудливо“, вели авторот на студијата Девин Сок. „Првите широко-неутрализирачки антитела беа откриени во 1990-тите. Оттогаш па наваму се трудиме да ги извлечеме овие антитела преку имунизација, но никогаш не ни успеа сé до сега, додека не имунизиравме крава. Ова ни даде одредени информации околу тоа како да го направиме истото и со луѓе“.
Џон Маскола – директор на вакцинско истражување на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести, истакнува дека студијава не е директен чекор кон развивање на вакцина за ХИВ. Сепак, вели, „ни дава до знаење како вирусот избегнува човечка имуна реакција“, а тоа претставува недвосмислен чекор во вистинската насока.