Русија против алкохолот: Вотка само во работни денови

Вечната љубов кон алкохолот е етикета што на Русите им е залепена со супер-лепак и тешко ќе се одлепи. Генералниот впечаток е дека шансите да наидеш на Русин што не пие вотка се уште помали отколку шансите да налеташ на Србин што е вегетаријанец и не знае ниту една песна од Цеца или Миле Китич. Особено што нормално е да очекуваш од луѓе кои виреат на така ниски температури (Русите, нели) да се налеваат и греат со жесток алкохол до степен што можат со плукање да го потпалат огнот.

Дека стереотипот е оправдан потврдуваат и бројните примери на Руси (или жители на земјите од Руската Федерација) кои пијат чист алкохол од аптека, колонска вода, средства за чистење на санитарија и секакви други супстанци кои содржат помалку или повеќе (најчесто метил) алкохол. Сигурно се сеќавате и на случајот од ланскиот декември во Иркутск, кога беше прогласена вонредна состојба откако 50-тина луѓе се отруја пиејќи лосион за тело, бидејќи имал алкохол во составот.

Имајќи го сето ова на ум, напорите и политиките на Кремљ насочени кон намалување на потрошувачката и консумацијата на алкохол звучат како поставена врата на отворено поле – т.е. бесцелни. Ако законите можеа да го запрат алкохолизмот, оваа зависност – која е една од најопасните за животот и здравјето на луѓето – одамна немаше да постои. Сепак, Москва не се откажува.

Актуелната Стратегија за формирање на здрав начин на живот на населението, развиена од руското Министерство за здравство, предвидува сериозни ограничувања на продажбата на алкохол во неработните денови во целата земја. Според државниот Научно-истражувачки центар за превентивна медицина, постојните ограничувања се недоволни и треба да се воведат нови, дополнителни.

Во моментов, ограничувањата на продажба на алкохолни пијалоци во Русија се спроведува на локално ниво, т.е. од локалните власти. Секој регион сам определува временски периоди во кои алкохолот е достапен или недостапен за продажба во трговската мрежа. На национално ниво, забрането е да се продава алкохол меѓу 23 и 8 часот наутро. Во Чеченија, алкохол може да се купува алкохол само од 8 до 10 часот. Во Улјановск, пак, постои забрана за продажба на алкохол за време на викендите.

Што се однесува до производите кои содржат метил алкохол, Кремљ е подготвен на (условно речено) уште порадикални промени, конкретно во самата содржина на метил алкохолот. Руската агенција за контрола на производството на алкохол лансираше идеја според која во целиот произведен метил алкохол во земјата ќе се додава супстанца што предизвикува моментален ефект на повраќање при нејзино внесување во организмот. Со тоа, од една страна, ќе се запре пиењето на производи со метил алкохол, а од друга – дури и ако сепак бидат испиени, супстанцата ќе предизвика отровот брзо да биде отстранет од организмот, пред да може да нанесе непоправлива штета.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Сепак, мерките како да го превидуваат социјалниот фактор. Се проценува дека околу 25 милиони лица во Русија немаат доволни приходи за да можат да купат легален алкохол. Во 2016-та, 20 милиони од населението живееле под прагот на сиромаштијата – што е негативен рекорд на земјата од 2006 година наваму. Голем број истражувања имаат покажано дека конзумацијата на алкохолот и стапката на алкохолизам е значително поголема кај слоевите кои живеат со пониски примања и во сиромаштија, отколку кај домаќинствата со балансирани приходи. Фактот што толку многу луѓе пијат „Бојаришник“ (средство за када) и слични коктели како поевтина алтернатива на алкохол, доволно говори.

Во меѓувреме, Русија е лидер и по застапеноста на депресија кај малолетниците. Руската младина многу почесто размислува или врши самоубиство, а стапката на доброволно откажување од животот е три пати повисока од просекот во Европа. Од друга страна, секоја четврта смрт на адолесценти во земјата се припишува на употребата на алкохол. Во извештајот на Владислав Кучма – член и дописник на Руската академија на науките, насловен „Менталното здравје во 21-ви век“, се наведува и дека во Русија е многу распространето учеството на малолетници во тепачки. Според Кучма, 47% од момчињата и 21% од девојчињата под 15 години редовно се вклучени во масовни тепачки.

Паралелно, во Русија има само 16 илјади психолози на 48 илјади училишта. Самата помисла да побараш помош од психотерапевт е табу тема, а се разбира, повторно игра улога и сиромаштијата. Сето тоа води до познатиот пат кон алкохолот.

Кратко речено, Русија се обидува да ги излечи симптомите, а не болеста што ги предизвикува. Во случајов тоа се реалните проблеми – сиромаштијата, општествената нееднаквост, депресијата меѓу населението и слични, кои кај Русите кои тоа го живеат редовно се на дневен ред, а се третираат со алкохол и национализам.

- Реклама -