На Вимблдон му крадат 80% од пешкирите

Овогодинешното издание на тенискиот турнир Вимблдон донесе голем број изненадувања. Меѓу нив не беа украдените пешкири, ама беа обичните бели пешкири што им беа доделени на помладите тенисери.

Ова второво се должи на економската мака што Вимблдон си ја има секоја година, без исклучок. Секоја година, за тенисерите кои учествуваат на турнирот, се произведуваат 6.000 специјални пешкири. Организаторите во просек успеваат да повратат само 20% од нив.

Кога се работи за Вимблдон, јасно е дека елитните тенисери, покрај работата на подобрување на ударите, работат и на подобри тактики за да се докачат до што повеќе пешкири. На турнирот тоа му носи загуба од речиси 160.000 долари годишно. Не дека тоа значително го осиромашува – сепак наградниот фонд достигнува речиси 20 милиони долари. Ама од друга страна, па ни тенисерите не се за жалење.

Како и да е, бројките остануваат факт. Лани на мажите им биле доделени 2.123 пешкири. Вратени биле само 564. На жените им биле поделени 2.106 пешкири, а вратени биле само 456. Сепак, најамбициозни лопови се тенисерите под 18 години кои учествуваат на турнирот за младинци – тие најретко ги враќаат пешкирите.

Зошто се крадат пешкири?

Новак Ѓоковиќ одговара без срам и перде: „За да им ги однесам како сувенири на пријателите. Многу пати сум си заминал со цела торба пешкири од Вимблдон. Секоја година има голема побарувачка на пешкири меѓу моите пријатели“.

Иако тенисерите, особено најелитните, не ги сфаќаат пешкирите на Вимблдон сериозно, логистиката поврзана со испораката на крпи за време на најпрестижниот тениски турнир во светот е токму обратното. Изработени се од 100% памук, димензиите им се 133 на 70 сантиметри, тежат 500 грама и секоја година имаат посебен дизајн за жените и мажите, што ги претвора во скапоцени сувенири за колекционерите.

Според правилата, пешкирите не се предвидени да бидат подарок за играчите, ниту пак за нивните пријатели. Секој тенисер има право на два пешкира по натпревар. Ако натпреварот е прекинат поради дожд, добиваат уште по две дополнителни крпи кога мечот продолжува. Играчот, сепак, има право да побара дополнителна крпа, а судијата е тој што решава дали има реална потреба од истата.

Во овој поглед рекордот го држи Рафа Надал, кој во еден натпревар побара дури десет пешкири. На крајот на средбата судијата на стол упатува молба крпите да бидат вратени, но токму тука почнуваат надмудрувањата; бидејќи не е задолжително да ги вратат, играчите често си одат заедно со пешкирите во соблекувалната уште пред судиите да стигнат до шанса да шанса да го упатат барањето.

Сепак…

Бегањето во соблекувална е едно. Полнењето на торбата е сосема друго. All England Club (организаторот на турнирот) одбива да коментира на темата, но некои од тенисерите ја откриваат својата методологија.

„Обично едниот од двата пешкира кои ми ги даваат на почеток на мечот го оставам во џебот на торбата, а некаде кон средината го замолувам судијата за дополнителен, со образложение дека многу се потам“, раскажува Ѓоковиќ.

И Канаѓанката Јуџин Бушард признава дека секогаш гледа да џапне еден-два пешкира повеќе. Особено кога има прекини поради дожд.

Поранешната број еден – Трејси Остин, му припаѓа на истиот „камп“. Според неа, сé е до желбата да се има сувенир од учеството на најважниот тениски турнир. „Ова е важен предмет. Ѓоковиќ, кој заработува милиони, призна дека го прави. И јас го правев, бидејќи не е доволно да се купи пешкир од официјалната продавница за сувенири. Треба да е автентичен пешкир, користен на Вимблдон“, вели за BBC.

Светскиот женски рекет број еден – Серена Вилијамс, вели дека ова е ритуал кој се повторува од нејзините младински години. „Имам пешкири од 1997 година, ама имам и неколку пешкири за мажи, кои држат добра цена на црниот пазар”, вели Вилијамс со насмевка.

- Реклама -