Ибрахимовиќ започна со делење шлаканици во ПСЖ

Очигледно воопшто не се случајни слабите резултати на прескапиот тим на ПСЖ на стартот од француското првенство, ако се суди според информациите од француските медиуми кои пренесуваат за крајно очајна атмосфера во тимот на Карло Анчелоти.

Според медиумите од Франција највиновен за тоа е најголемото засилување во летниот преоден рок Златан Ибрахимовиќ, кој веќе успеал да ги расипе односите веќе со четворица фудбалери. Последен негов инцидент е судирот со најдобриот фудбалер на тимот од минатата сезона, Бразилецот Нене.

Нетрпеливоста меѓу двајцата постои уште од самото пристигнување на популарниот Ибра во Париз, за последниве денови омразата да достигне кулминација. На еден од последните тренинзи Швеѓанецот лутејќи се му на Нене поради неговиот обид на малку поостор да му одзеде една топка, му удрил шлаканица на клупскиот колега. Нене веднаш сакал да возврати на ударот но бил спречен од соиграчите. Ибрахимовиќ притоа се обидел да го удри и со нога, но не успеал во намерата.

Ибрахимовиќ претходно на тренинзите предизвика инциденти и со Менес и Матиуди, но тие минаа незабележано поради тоа што фудбалерите се одлучија да му премолчат на поранешниот фудбалер на Милан.

Како и да е, Анчелоти го очекува напорна задача да ја подобри атмосферата во тимот која очигледно сериозно влијае и на игрите на натпреварите. ПСЖ по трите почетни кола во Франција има три ремија.

- Реклама -