Бред Леонцинис – фотограф и поборник за зачувување на природата и особено заштита на животните, во 2015-та имал прилика да помине некое време во националниот парк во Пиланесбeрг, во Јужна Африка. Пренесува една интересна приказна, во која еден од актерите е Амарула – впечатлив и масивен машки слон (на сликата).
Амарула се прочул по неговата историја на напади на автомобили, со два документирани случаи во последните години. Таквото однесување било резултат на сексуалниот циклус наречен musth, кога кај машките сексуално зрели слонови се случува голем пораст на репродуктивните хормони, и се многу поактивни во потрагата за женка за парење. Притоа, стануваат поагресивни од обично, а паралелно им се намалува и трпението.
Амарула бил самопрогласениот владетел на националниот парк. Се шетал наоколу како да го поседува целиот резерват, велат сведоците. Бил донесен во Пиланесберг од националниот парк Кругер, заедно со уште неколку други големи машки слонови. Зошто? Зашто Пиланесберг имал прилично сериозен проблем со младите адолесцентни машки слонови.
Пиланесберг бил прогласен за национален резерват во 1979 година, и притоа во паркот се донесени повеќе од 6.000 животни. Тоа е најголемата операција на преселба на животни до денешен ден, позната како Операција Генезис. Денес за слоновите се знае многу повеќе отколку што се знаело тогаш, ама дел од лекциите се научени токму низ овој процес.
Тогаш донесените слонови во резерватот биле главно млади и сираци, поминати низ неколкуслоен процес на селекција. Биле одбрани баш овие бидејќи биле помали и полесни за пренесување. Но кога стигнале во Пиланесберг, овие млади слонови почнале да формираат големи групи, се однесувале многу „притаено“, избегнувале човечки контакт и често биле агресивни кон другите животни и особено кон луѓето. Со тек на време почнале да се интегрираат во семејните групи и тоа малку ги потсмирило.
Сепак, во тоа време резерватот уште бил без зрели возрасни машки слонови, па меѓу младиве се развила чудна динамика. Без постари машки слонови кои би ги научиле на основите на слоновското однесување (да не речеме бон-тон), адолесцентниве се однесувале многу непримерно, малтретирајќи ги женките и обидувајќи се да ги присилат на парење. Овие млади слонови влегувале во циклусот на повишени хормони (musth, како што рековме) дури и 10 години порано од просекот кај слоновите растени во нормални заедници.
Нивното однесување станувало сé позагрижувачко, и стигнало до степен кога станале максимално агресивни и почнале да напаѓаат носорози и бројни возила на туристи. Билансот од нивното дивеење биле 40 мртви носорози и една човечка жртва. Во агресијата голема улога имала сексуалната фрустрација што ја доживувале токму во овој преран „пубертет“. Женките препознавале дека овие млади слонови сé уште не се доволно зрели, па одбивале да се парат со нив. Тоа само ги влошувало нештата.
Ситуацијата се сменила во 1997 година, кога е направена нова преселба, и од Кругер во Пиланесберг конечно се донесени возрасни, зрели, големи машки слонови; меѓу нив и Амарула. Тоа воопшто не било мала операција, со оглед дека еден возрасен мажјак може да тежи и над 6 тона, а е висок и до 3.5 метри (мерено до „рамото“, без главата).
А резултатот… Штом еднаш големите слонови се адаптирале и оствариле контакт со постоечките семејства, за многу кратко време ја наметнале својата доминација. На младите слонови „им било покажано“ нивното вистинско место во слоновската хиерархија, и за кратко време нивното однесување преминало од опасно – во примерно. Под влијанието на возрасните слонови, дури и сексуалниот циклус на младите се вратил во нормала. Инцидентите со убиства на носорози и нападите врз туристички возила биле тотално искоренети.
… Освен двата инцидента на Амарула. Сепак е слон, и сепак може да се правда со „бев попален“. А и во секоја група ќе се најде еден таков. Сепак, ни се чини дека може нешто да се научи од приказнава.