Има две главни категории луѓе. После напорен ден, да речеме, едните маваат туш. Другите полнат када и лежат во таа када. Па добро бе, како лежат во таа када?
Сигурно познавате минимум една таква пријателка или имате барем еден таков братучед. И им се чудите. Не зборуваме за тие што прво маваат туш па се опуштаат во топла, миризлива или каква и да е купка. Туку за тие што уште невлезени ја полнат кадата и саат време лежат во таа вода, со тоа тело, како да е најнормална работа на светот.
Не само што релаксира, туку од таквата бања излегуваш сосема чист, без потреба да се тушираш – аргументира лежачот во када. Сé друго би било само дупло арчење вода, нели? Додека го зборува ова, ти, туширачот, одвај се воздржуваш да не повратиш.
Од твој аспект, да киснеш во полна када е еквивалент на тоа да седнеш во базен полн со твои нуспроизводи – од бактерии, па до измет и урина. Наместо нечистотијата и другите грозотии да отидат низ одводот, ги измиваш во када полна со вода – вода која нема каде да оди освен пак назад на твојата кожа. Тоа колку е чиста кадата, пак, е сосема друга приказна. Да бидеме искрени, ендемски видови (ретки) се луѓето што ја рибаат доволно често, па и еднаш во два месеца. Така што, колку и да е релаксирачко и пријатно лежењето во полна када, луѓето што го прават се всушност грозни и нехигиенски – ќе речат туширачите.
За волја на вистината, делумно се во право. Полните кади се полни со бактерии, вели Дебра Џалиман, професор по дерматологија во Медицинската школа на Синај. Во нив ќе најдете „ешерихија коли, стрептококи, а и стафилококус ауреус“.
Но дали е толку страшно како што звучи?
Најлошото што може да се случи е следново: ако пријателката или братучед ти имаат отворена рана или одрана кожа, теоретски е возможно нештата да отидат на лошо. Во комбинација со слаб имунитет, можат да добијат инфекција. Но дури и во најлошото сценарио – да речеме стафилокока – брзо ќе го излечат проблемот со неколку рунди антибиотици (што и не е така забавно ни евтино како што звучи).
Понатаму, ако таа грозна вода од кадата допре до устата на кисначот во када, постои можност (повторно – мала) да добие здравствени компликации поврзани со инфекција со ешерихија коли, која резултира со ужасен пролив, стомачни грчеви, лошење, повраќање… Така што, особено е зезнато ако внесувате храна за да имате што да грицкате додека уживате во релаксирачката купка (под претпоставка дека имате златна када среде дневната, како Тони Монтана, во која лежите и пиете шампањ и гледате телевизија на плазма екран… Иако поверојатно е дека ќе лежите во обична када и ќе штракате по смартфон).
Што е најверојатниот исход?
Дека нема да се случи ништо посебно. Да, полната када може да е расадник полн со микроорганизми од спорно потекло, ама човечкото тело обично му парира на предизвикот. Шансите се дека братучед ти или пријателката најголемиот проблем ќе го имаат со сувата и распукана кожа. Колку подолго киснат, толку повеќе влага се екстрахира од кожата, особено кај луѓе кои имаат природно посува кожа. А таквата кожа е повеќе склона кон инфекции, во или вон кадата, вели Џалиман, што може да ги зголеми шансите за нешто да тргне наопаку.
Штом запнале…
Ако веќе „мора“ да лежи во када, да ѝ кажете на пријателката прво да удри туш и да се осигура дека зезнатите честици – особено фекалните (погодете од каде) – се измиени од кожата и на пат некаде низ одводните цевки. Некиснењето со часови во вода ќе спречи прекумерно сушење на кожата (иако добра идеја е некаков лосион што ќе ја надомести влажноста). И секако, пред купка да засука ракави и да фати да ја риба кадата ко да нема утре.
… Зашто греота е човек да е лишен од релаксирачко излежување во полна када; ако ништо друго, тоа е еден од најдобрите лекови за заморени мускули.
… Ама греота е и да не знае дека при секое непочитување на горниве правила, туширачите можат да го намирисаат. Не знаеме да објасниме како, не знаеме да го дефинираме мирисот, ама можеме.