Поранешни затвореници ќе ја „полицираат“ полицијата

Оукленд (Калифорнија), ги охрабрува поранешните затвореници да се пријават за членство во новата полициска комисија – организација која ќе ја надгледува работата на полицискиот оддел на градот.

Комисијата е воведена како одговор на серијата од големи скандали што лани ја потресоа оклендската полиција, кои доведоа до отпуштање на тројца полициски шефови во рок од 9 дена, по што полицијата целосно беше препуштена под цивилно раководство.

Скандалите почнаа со афера со проституција, кога беше откриен голем „ланец“ на полициски службеници кои имале секс со малолетна проститутка чија мајка работела како диспечерка во одделот.

Четворица полицајци беа отпуштени, а шефот Шон Вент си даде оставка откако се покажа дека помагал да се прикрие криминалот на полицајците, како овој, така и во 28 други засебни случаи. Неговиот наследник се повлече по само 5 дена, откако се откри дека ја изневерува сопругата со некоја во рамките на одделот. Следеше трет шеф и трет скандал, кога универзитетот Стенфорд објави студија која ја обелодени долгата расистичка традиција на оклендската полиција, а паралелно беа откриени и расистички смс пораки праќани од полицајци во рамките на одделот.

Прочитајте и:  Кривична пријава против тројца полицајци, пуштиле осуденик на слобода наспроти наредбата на судот

По оставката и на третиот шеф, градот реши дека е потребно цивилен надзор врз полицијата. А поранешните затвореници секако имаат повеќе искуство со правниот систем отколку обичните цивили, што ги прави подобни за позициите во ова тело, смета градот.

Велат дека бараат „луѓе кои искусиле полициски контакт, а очигледно, ако си формално осудуван, имаш лично искусено полициско приведување, и потенцијално прекршување на процедурата“.

Може ова звучи како локален проблем. Но можеби решението на Окленд е вистинскиот потег кон подобра, пофер и пообјективна полиција. Кој може да биде подобра противтежа на корумпирани полицајци од тие што биле на другата страна на спектарот, а веќе не се?

- Реклама -