Кина го гради првиот шумски град со 40.000 дрва

Веќе и на научниците им се смачи да го повторуваат истото, а и нас ни здосади да пишуваме колку е лоша ситуацијата со климатските промени на планетава. Но иако можеби звучи како ситуацијата да станала безнадежна, не може да се негира бранот на позитивни потези што се прават во светот во насока на екологијата.

Кина редовно е дел од тој бран, и во последниве години е прва во редот кога се работи за конкретни напори кон зелено живеење. Од скоро владата соопшти дека ја завршила изградбата на најголемата пловна соларна фарма на светот, а сега, во обид да го намали производството на стакленички гасови, го гради и првиот „шумски град“.

Дизајниран е од Стефано Боери – човекот што ги дизајнираше и вертикалните „шумски кули“, а се гради во Лиужу, во провинцијата Гвангши. Штом ќе биде комплетиран, во новиот град ќе живеат околу 30.000 луѓе. Но освен тоа, градот ќе апсорбира речиси 10.000 тони јаглерод диоксид и 57 тони загадувачи годишно, а ќе произведува околу 900 тона кислород.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Овие импресивни цифри ќе ги постигне благодарение на милион растенија од околу 100 различни видови, како и 40.000 дрва посадени на фасадите на речиси секоја можна површина.

Новиот шумски град ќе биде поврзан со постоечкиот Лиужу преку неколку брзи железници и електрични автомобили. Ќе има и неколку училишта и две болници. Се планира да се направи и самоодржлив од аспект на енергијата, пред сé благодарение на геотермална и соларна енергија.

Со сето ова земено на куп, шумскиот град ќе помогне да се подобри квалитетот и да се намали температурата на воздухот во реонот, но исто така ќе создаде и звучна бариера (кон градската бучава), и ќе го подобри биодиверзитетот на живите видови – создавајќи животна околина за птици, инсекти и мали животни.

Кинезите се надеваат дека сé ќе оди по планот и ќе биде завршен до 2020-та.

- Реклама -