Следен пат кога ќе гледате отварање на олимписки игри, внимателно следете ги знамињата што ги носат при претставувањето на националните тимови. Секогаш го носи еден спортист, кој оди на чело на групата. Кога делегацијата поминува низ делот каде што на трибините седи државниот врв на земјата домаќин, речиси сите земји благо ги наведнуваат знамињата, во знак на поздрав и почит кон нацијата домаќин.
Не и Американците. Да не го навалуваат знамето е нивна стара традиција и воспоставена пракса (со прекини) уште од Олимписките игри во Лондон во 1908.
Не се работи за непочитување на домаќините, туку за почит кон својот државен симбол, нешто во стилот на „американското знаме не се поклонува пред ниту еден овоземски крал“.
Во некоја друга прилика можеби и ќе пишуваме опширно на темава; но сега ни е важно ова да ви послужи како доказ за тоа колку им е важно знамето на Американците. Како бонус аргумент го имате и примерот на Вилијам Харви Карни. А еве, сега ќе ги имате и воените униформи и претседателската лимузина, меѓу другото.
Како што знаете, ѕвездите во синиот дел на американското знаме ги претставуваат сојузните држави. Тоа е главниот и најважниот елемент од знамето. Кога американското знаме се поставува на јарбол, се поставува така што делот со ѕвездите да е поблиску до јарболот. Зошто? Затоа што кога го носите, јарболот оди прв, јарболот е напред. Американската почит кон знамето се граничи со фанатизам, и има едно екстремно важно правило: знамето секогаш оди напред, никогаш назад. Знамето не ја претставува земјата, туку практично Е земјата. А САД секогаш одат напред. Никогаш не смеат да одат назад.
Затоа кога ќе видите лимузина на американска делегација, знамињата се веат „обратно“. Затоа кога ќе видите американски војник, знамето на униформата му е поставено „наопаку“ . Затоа што кога војникот маршира напред, ѕвездите мора да одат први.