1958 год, кога Египет се смееше на предлогот жените да носат хиџаб

Гамал Абдел Насер беше вториот претседател на Египет и еден од најважните, најхаризматичните и најславени лидери во историјата на земјата. Во 1952 година ја предводеше Египетската револуција и ја урна монархијата, а веќе следната година воведе темелни реформи околу земјиштето.

Неговата популарност во Египет и арапскиот свет нагло порасна по неговата национализација на Суецкиот Канал и политичката победа во Суецката криза. Во негово време се интензивираа и повиците за пан-арапска унија под негово водство, кои кулминираа во Обединета Арапска Република со Сирија (1958–1961). Во 1962 година, Абдел Насер започна серија од големи социјалистички мерки и реформи за модернизација на Египет.

Во тоа време, предлозите за носење хиџаб беа предмет на потсмев, што добро се гледа од неговиов говор во 1958 година.

Транскриптот од говорот оди вака:

„Во 1953-та навистина сакавме да направиме компромис со Муслиманско братство, ако беа подготвени да бидат разумни.

Се сретнав со нивниот лидер, а тој седна со мене и ги постави неговите барања. Што побара? Првото нешто што го побара е да се воведе задолжително носење хиџаб во Египет и секоја жена што оди по улица да носи тарха (tarha, шал, шамија)“, запира Насер.

Публиката почнува да се смее.

Абдел Насер гестикулира со раката во стилот „е тоа е, што ќе правиш“ и повторува: „Замислете, секоја жена на улица…“.

На тоа, некој од публика довикува: „Дај му него нека носи (хиџаб)!“, алудирајќи на лидерот на Муслиманско братство.
Публиката возвраќа со уште погласна смеа и аплаузи. Се насмевнува и Абдел Насер.

„А јас му реков“, продолжува со насмевка, „ако направам таков закон, луѓето ќе речат дека сме се вратиле во деновите на Ал Хаким би-Амр Алах, кој им забрани на луѓето да одат по улица преку ден и дозволи одење само навечер.

[публиката пак се смее]

Му реков и дека мојот став на темата е дека секој во својот сопствен дом има право сам да одлучува за правилата. Тој ми врати: Не, како лидер, тоа е твоја одговорност. Му реков: Господине, ти имаш ќерка што учи во Школа за медицина… А таа не носи тарха.

[одново почнува смеење и аплаузи]

Зошто не ја натераш да носи тарха? Ако ти… [ја стишува публиката] Ако ти не можеш да натераш една девојка – која ти е ќерка – да носи тарха, како тоа сакаш јас да ставам тарха на 10 милиони жени? Јас лично?“

Сега веќе и Абдел Насер почнува отворено да се смее заедно со публиката, проследен со гласен аплауз.

*  *  *

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Во 1958 година, шамијата (хиџабот) веќе беше практично исчезната во Египет. Во една своја статија United Press напиша дека „во Египет хиџабот е непознато нешто“. Сепак, хиџабот доживеа ново раѓање од 1970-тите наваму, заедно со глобалното заживување на муслиманските правила за скромност.

Според New York Times, од 2007 година околу 90% од Египетските жени носат некаква форма на покривка. Мал дел од жените носат никаб. Секуларната влада не ги охрабрува, а уште помалку наложува носење на некаква покривка, додека на никабот гледа како на безбедносна закана; пред сé бидејќи го покрива лицето, а од политички аспект бидејќи се сфаќа како неприфаќање на секуларната власт и поддржување на строгите исламски системи.

Да, египетските жени носат хиџаб, но се смета дека тоа е главно од модни причини; носат стилски, шарени хиџаби во комбинација со модерна „западна“ облека. Но има и тврдења дека тие што не носат се под притисок од општеството, пријателите, па и таксистите…

Во блиското египетско минато имаше и ограничувања на носењето хиџаб. На пример, во 2002-ра, една државна телевизија отпушти две репортерки бидејќи одбраа да носат хиџаб на национална програма.

Што се однесува до никабот, Мохамад Тантави – водечки исламски учител во земјата и директор на универзитетот Al-Azhar, во октомври 2009 година прогласи фатва дека покривањето на лицето не е барање во исламот. Наводно има избркано и студентка што на предавање се појавила со никаб, со образложение дека никабот е културна традиција, а без важност во исламот.

Владините забрани за носење никаб на универзитетските кампуси и при испити беа поништени во 2009-та, откако министерот Hany Mahfouz Helal беше мета на протести од страна на одредени активист(к)и за човекови права и исламистички групи. Во 2010-та, Бахер Ибрахим од The Guardian ја критикуваше тенденцијата зголемување на бројот на девојчиња во претпубертетска возраст што носат хиџаб во Египет.

Голем дел од египетската елита се спротивставува на носењето хиџаб и смета дека ѝ штети на секуларноста. Во 2012 година одредени бизниси забранија носење шамии, велови и сл., а елитите ги поддржаа тие забрани. Во 2016-та и 2017-та египетската влада и парламентот направија одредени чекори кон забранување на бурката. Водечките политичари аргументираа дека вел што целосно покривање на лицето не е ниту исламска традиција, ниту е барање во Куранот.

Во меѓувреме, се сеќавате како настапија женските одбојкарки на плажа од Египет на Олимпијадата во Рио, нели? Можеби следниве слики и најдобро ја опишуваат ситуацијата: Хиџабот не е задолжителен… Ама… пожелен?

Од друга страна, ова беше прв пат Египет да има женски тим во одбојка на плажа.

- Реклама -