Скоро сé што знаете за сонцето и кожата е веројатно погрешно.
Иде лето, што значи дека најголем дел од луѓето со природно бледа кожа, а жедни за тенот на оние со природно потемна, ќе се испораспостелат по плажите и ќе легнат да се печат на сонцето за да добијат тен.
Сончањето, на клеточно ниво, е ужасна идеја – со тоа практично ја уништувате вашата ДНК на парчиња. Еве како: Вашите клетки константно ги дуплираат нивните гигабајти и гигабајти информација, на секои неколку дена, недели, месеци, години, за да ве одржат живи и да ги заменат дотрајаните клетки со нови. Ако клетките не ви се дуплираат, умирате.
Репликацијата дополнително им ја отежнувате со пушење, јадење црвено месо, пиење алкохол и многу други дисруптивни навики. Со тоа, секоја наредна тура на клетки е малку помалку совршена од првата.
Затоа, сончањето на ДНК-распарчувачки зраци е дефинитивно лоша идеја, вели Шериф Ибрахим – дерматолог и експерт за рак на кожа на универзитетот при Rochester Medical Center.
Многу од неговите пациенти, сепак, мислат дека тенот е здрав. „Луѓето ми велат: ох, ама јас одам во солариум, горам еднаш и после сум таман за летото“.
И не се луѓето криви. Постои опасен мит околу сончањето и безбедната изложеност на сонце, вели Ибрахим. Факт е дека не постои безбедно потемнување. Тој објаснува зошто, а попат урива и други митови на темата:
МИТ: Раното добивање на „основен тен“ ја штити кожата преку остатокот од летото
ФАКТ: Кожата нема да добие ниту да одржи тен сé додека не детектира фактичка штета на нејзината ДНК
Разбирливо е што луѓето претпоставуваат дека „основен тен“ е добра идеја. Кожата навистина потемнува поради меланин – заштитна хемикалија што ја штити ДНК-та од сонцето. Но, вели Ибрахим, телото не ‘порачува’ екстра меланин сé додека не настане штета на ДНК-та.
Тоа (штетата) е всушност иницијалната каписла за потемнувањето на кожата. Потемнувањето е физиолошката реакција на мутацијата на ДНК-та. Никој не потемнува ако неговите кожни клетки не детектираат мутации. Сума сумарум, за да потемниш мора да претрпиш оштетување на ДНК-та.
МИТ: Ако по природа имаш потемна кожа, сончањето не е страшно
ФАКТ: Бојата на кожата е лошо мерило за тоа колку си всушност заштитен
Ако имаш повеќе меланин во основниот тон на кожата, да, си нешто повеќе заштитен од првиот удар на ултравиолетовата радијација во споредба со некој со помалку меланин. Но ниту еден тип на кожа не е имун на опасните нивоа на ДНК оштетување, а темниот основен тен не е доволно добар знак дека си заштитен. Најзаштитени не се луѓето со најтемна кожа, туку луѓето чија кожа најбрзо реагира на сончева светлина (и го активира дополнителниот меланин неопходен за заштита).
При првите знаци на ДНК оштетување, клетките во кожата што произведуваат меланин „се прешалтуваат во шеста брзина“ и почнуваат интензивно да пумпаат заштитен пигмент. Ако потемниш многу повеќе од твојот основен тен со само мало изложување на сонце без да изгориш, тогаш твојата природна заштита е многу поцврста.
Но без разлика на бојата на кожата, никогаш не си целосно имун на оштетување. Кога кожата ти е природно темна, точката на „премногу оштетување“ ти е повисока, но сепак постои гранична точка над која можеш да добиеш рак на кожата.
МИТ: Без тен нема витамин Д
ФАКТ: Тоа се глупости
Тенот стана толку важен детал што сега имате статии од „здравствени експерти“ пишувани за пари во кои се имплицира дека луѓето кои користат креми за сончање всушност не се здрави бидејќи не добиваат доволно сончева светлина.
Вистина е дека витаминот Д е неопходен нутриент, и дека сончевата светлина може да помогне да го конвертира во активна форма. Може и да е точно и дека кај добар дел од луѓето има дефицит. Ама тој дефицит не е поради кремите за сончање или апстинирање од сончање.
Добиваш доволно УВ за да се случи конверзија на витаминот Д дури и случајно, на рацете, кога одиш од кола до супермаркет и назад. Луѓето што се дефицитарни со витамин Д поради недостаток од сончева светлина се обично пациенти во домови за нега, кои не излегуваат надвор со месеци и месеци.
А ако сте загрижени дека без незаштитена изложеност на сонце нема да имате доволно витамин Д, постојат многу други опции. Ако некој ви каже дека добивате калциум од пушење цигари, сигурно нема да фатите да го надоместувате дефицитот од калциум со пушење цела штека, зар не? Наместо тоа, ако мислиш дека ти фали витамин Д, оди во аптека и купи витамин Д во пилула. Или пиј млеко и јади друга храна која е богата со витамин Д.
МИТ: Треба да ја купиш кремата за сончање со највисок можен SPF (заштитен фактор од сонце)
ФАКТ: Во одреден момент, дополнителниот SPF веќе не значи ништо
Луѓето чуле, ама повеќето не знаат што значи SPF. Тоа е „sun protection factor“ – мерка за тоа колку кремата ја надополнува природната заштита од УВ зрачење на твојата кожа. Ако кремата има SPF фактор 30, тоа значи дека (при правилна употреба) на кожата ѝ требаат 30 пати подолго за да изгори отколку обично. SPF-50? 50 пати подолго.
Но некои компании продаваат и рекламираат креми со лудо висок SPF, дури и со три цифри. Луѓето се збунети кога ќе видат SPF 180, вели Ибрахим.
Во реалноста, ниту една од кремите нема да остане доволно долго на вашата кожа за да ве заштити толку долго. Реална разлика пак, вели Шериф, има меѓу фактор ~30 и фактор ~50. Сé друго е маркетинг.
МИТ: Изгореница од сонце значи дека твојата кожа буквално гори
ФАКТ: Уште полошо е
Кога кожата ти „изгорува“ на сонце, ништо всушност реално не гори. „Горењето“ на кожата е процес исто како и потемнувањето, со тоа што овој е очајнички обид на кожата да се заштити од мутациите што се наталожуваат во клетките.
По извесна точка (по многу ДНК штета) клетките се во фазон „Океј, доста ни е, сега ќе се убиеме. Штетата е толку голема што веќе не се поправа“. Тоа е тоа што се нарекува апоптоза, вели Ибрахим. Самоубиство.
Тогаш клетките во кожата започнуваат масовно изумирање, обидувајќи се да ги спречат мутациите што ги претрпеле да преживеат во вашето тело. Но самиот процес е неефикасен, и тие мутации можат, а често и ќе продолжат да живеат.
МИТ: Тенок слој од крема за сончање е доволен за заштита
ФАКТ: Количина колку голф топче – е вистинската количина
Кога научниците ја стандардизираа SPF скалата, се однесуваше на концентрација од 2 грама крема на квадратен сантиметар кожа.
Во превод, тоа е количина колку една полна чашка ракија, за да го покриете лицето и тоа што не е покриено со шорцевите и маицата – нозете и подлактиците.
Ретко кој од луѓето го прави тоа. Тоа е проблем. „Ако ставиш крема со SPF 30 во недоволна концентрација, ефективната заштита се намалува на една-десетина од таа – значи SPF 3“, објаснува Ибрахим. Како знаеш дека си ставил доволно? Кога си надвор и кожата воопшто не ја менува бојата. Нема црвенило, нема потемнување. Е тогаш си адекватно заштитен, ако веќе желбата ти е да си заштитен.
МИТ: Маица ќе заврши работа.
ФАКТ: Не, нема.
„Ако земеш парче платно и го држиш кон сонцето, и поминува светло низ платното, тогаш поминуваат и УВ зраци“ (кренете рака сите што сте изгореле под чадор од 5 евра во Грција). „Но луѓето претпоставуваат дека ако одредена област е покриена дури и со тенка маица, не мораат да стават крема на тоа место“, вели Ибрахим.
„Многу од овие кожни канцери наоѓаме на рамениците или на грбот, особено кај мажи“. Според него, генерално е прифатено дека маица ти дава заштитен фактор од околу 3.
МИТ: Поскапите креми се подобри
ФАКТ: Единствената ознака на етикетата што е важна е „широк спектар“ (broad spectrum)
На прашањето која му е омилена крема за сончање, Ибрахим вели дека нема разлика помеѓу брендовите која е важна за вашето здравје. Вели дека разликите меѓу брендовите се чисто козметички.
Имате креми од 5 долари и креми од 100 долари. Поскапите не работат подобро – ги имаат истите активни состојки за блокирање на УВ зраците. Единствената разлика е што се нанесуваат подобро, изгледаат помалку маслести.
Единствениот параметар што е важен е „широк спектар“. Тоа значи дека кремата го блокира целиот распон на УВ светлина. Нанеси ја доволно густо, и нанесувај ја на секои неколку часа кога си на сонце, или после капење и пливање. Во спротивно, не се печи на сонце ко да не си го читал текстов, барем ако здравјето ти е примарно.