Еден 54-годишен Колумбиец кој 20 години вози камион за ѓубре во Богота, сега во подрумот на својата куќа има библиотека. Бесплатна.
Се вика Хозе Алберто Гутиерез. Го викаат „Господар на книгите“. Почнал да ги собира во 1997-ма, кога забележал дека луѓето сé повеќе фрлаат книги во кантите за ѓубре.
Првата книга која ја извадил од контејнер била „Ана Каренина“ на Толстој. Подоцна ги нашол и „Малиот принц“, „Илијада“-та (кој фрла Илијада бе?!), како и делата од најпознатиот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес.
Во 2000-та година – само три години откако почнал да собира книги, Гутиерез и неговата сопруга веќе имале одлучено да го преуредат приземјето на куќата во библиотека. Го знаеле и името: „Моќта на зборовите“. Знаеле и дека нема да наплаќаат за книги; тоа го правеле единствено од љубов кон книгите.
Успехот на библиотеката ги надминал сите нивни очекувања. На соседите одеднаш им се причитало. Почнале сé почесто да доаѓаат и да бараат да земат некоја книга, било за себе или за своите деца. Во библиотеката набрзо почнале да доаѓаат и волонтери желни да помогнат, ама и туристи.
Во меѓувреме, затоа што некои од книгите биле во лоша состојба, сопругата на Гутиерез – инаку кројачка, решила да отвори „Болница за зборовите“. Во таа „болница“, таа ги лепи страниците и ги менува кориците на оштетените книги.
Библиотеката на ѓубреџијата постепено стекна светска слава, ако ништо друго во Јужна Америка. Гостуваше на саемите на книги во Чиле, Мексико и Богота. Поради недостаток од простор, семејството Гутиерез дури и патуваше низ Колумбија и бесплатно делеше книги на жителите во зафрлените региони.
Денес библиотеката е место каде локалните деца се собираат на заедничко читање – некој чита на глас, а тие слушаат и уживаат. Хозе и неговата сопруга постојано добиваат повици од училишта и други образовни установи за помош, било да е тоа во форма на некоја ретка книга или за да ја раскажат својата приказна пред младите. Кружи приказна дека на Гутиерез му се јавил дури и еден герилец од бунтовничката FARK, кој го замолил да издвои пакет книги за бунтовниците кои се подготвувале по 50-годишна вооружена побуна да се вратат во цивилен живот.
Ах, тој ѓубреџија…