Прво Лондончани, а сега и цела Британија го слави 47-годишниот Рој Ларнер, кој во моментот кога тројцата џихадисти влетале во пабот со 12-инчни мачети скандирајќи „Ислам, ислам! Ова е за Алах!“, им вратил со „Fuck you, I’m Millwall!“ и со тупаници.
Сега го викаат „Лавот од Лондон Бриџ“ – референца кон прекарот на неговиот омилен клуб Милвол – „Лавови“. Во меѓувреме неговите пријатели, со кои седел во пабот во моментот на нападот, на шега му подарија книга насловена „Научи да бегаш“.
Ларнер бил исечен 8 пати, по што џихадистите избегале од барот Black & Blue, засекогаш (набрзо ги застрелала полицијата). Сега е на болничка нега. По нападот бил примен во критична состојба и му биле направени неколку операции на главата, рацете и градите. Но тргнат е од критичната листа уште од неделата.
Како што се насетува и од насловот на книгата, неговите пријатели и останатите гости во барот избегале или се сокриле зад шанкот и под масите. Но тоа немало да биде можно или да им помогне ако Ларнер не се спротивставел на напаѓачите. Сведоците велат дека директно спасил еден живот, а индиректно и животите на сите во барот.
По првото „Fuck you!“ и неколкуте заканувачки чекори кон нив, тројцата џихадисти инстантно му се нафрлиле на Ларнер.
„Стоев пред нив обидувајќи се да ги одбијам и истепам. Сите други избегаа кон задниот дел. Бев сам против сите тројца, затоа сум толку повреден. Бев сам, обидувајќи се да ги грабнам со голи раце и да ги задржам. Замавнував“, раскажува Лавот за борбата која траела 20-30 секунди. „Бев прободен и исечен 8 пати. Ме погодија во главата, градите и двете раце. Имаше крв насекаде…“.
Додека Ларнер „пиел“ мачети, напаѓачите повторувале „Ислам, ислам!“. Ларнер, ко што го дал господ, уште еднаш им вратил со „Ебете се, јас сум Милвол!“. „Тоа беше најлошото нешто што можев да го направам додека ме напаѓаа“, признава Лондончанецот. За среќа, ниту еден од ударите не го поткачил асално, инаку ќе бил мртов.
Вели дека тоа го направил за да го привлече вниманието кон себе и да ги спаси другите. Можеби ова треба да му го земеме со резерва, бидејќи таквата приказна првично излезе од неговите другари, но храброста секако останува факт.
Доказ дека ја има е и мајка му. Неговата постапка воопшто не ја изненадило 78-годишната Филис Ларнер.
„Тој е бестрашен. Не би отстапил од тепачка. Не би му било гајле за кого се работи или дали тој другиот има пиштол или нож… Не бев шокирана, искрено. Рој го кажува тоа што ќе го науми и не се плаши од никого… Мора да им помагал на пријателите или нешто слично“.
Не е ни до пивото – Ларнер вели дека испил „само 4-5 кригли“.
Како и да е, откако им потрошил премногу време, напаѓачите истрчале од барот и се упатиле кон соседните локали. Рој истрчал по нив да види каде ќе се упатат, но набрзо чул истрели и видел како паѓаат како покосени.
„Дури во полициската кола сфатив во колку лоша состојба сум. Целиот бев исечен“. Во болница ќе преседи околу една недела.
Во меѓувреме, на една од веб-страните за донации, добронамерниците му собраа околу 5.000 фунти. Кружи и петиција во која се бара да му се додели George Cross – најголемото британско признание за храброст за цивили.
„Ова се приказните што ни се потребни да ги слушаме во овој момент, а не за терор и страв“, напиша еден од неговите пријатели.
Ларнер, кај и да е, ќе се врати на фудбалските стадиони и ќе ги малтретира помладите навивачи, ко на сликава. Мистеријата што останува е: Како го собрало во пабот со толкави јајца?
АПДЕЈТ: Шведска пивара му посвети пиво (клик), погодете како се вика.