Американецот Брендон Везман (37) од Тексас, ја тужи девојката со која излегол во кино, бидејќи речиси за целото времетраење на филмот Guardians of the Galaxy 2 не престанувала да куца на мобилниот.
Девојката (… 36-годишна) – која Брендон ја запознал преку интернет, наводно 10-20 пати во 15 минути го извадила телефонот и се допишувала. Затоа Везман сега од судот бара отштета од 17.31 долар, колку што чинел билетот за кино, со образложение дека нејзиното однесување претставувало „директна повреда“ на правилата на кино салата.
„Иако бараната отштета е скромна, важен е принципот, бидејќи таквото однесување му се заканува на цивилизираното општество“, стои во неговата тужба. „Тоа беше прв состанок од пеколот“, изјави подоцна Везман за новинарите.
Девојката се брани дека го држела телефонот ниско и никому не му пречела, и дека тоа не било континуирано куцање. Се пожали дека Везман ѝ се јавил по состанокот и побарал да му ги врати парите кои ги платил за карта, но дека одбила…
Како сериозни љубители на филмот, но пред сé – цивилизирани членови на општеството, тотално сме на страната на Везман; Еднаш мора гласно да се каже дека тие што куцаат на мобилни во кино (освен кога е итно) се шупаци. Ако единствениот начин е преку судска тужба – нека е.
Но, од друга страна, нудиме неколку алтернативни решенија со кои ние би избегнале слични судења во иднина (зашто едно е доволно):
• Да бевме Везман, едноставно ќе си станевме и ќе се преместевме на некое помирно место и раат ќе си го догледавме филмот. Девојката нека се чуди, нека се лути, нека си куца, нека си оди, нека ја тепаат тие од позади… Нејзино си е.
• Да бевме девојката, воопшто немаше да излеземе со тип кој на 37 години смета дека филмови од типот на Guardians of the Galaxy 2 се добар избор за прв дејт. Или за втор дејт. Или за шестопетнаести дејт.
• Да бевме девојката и да заглавевме во кино на Guardians of the Galaxy 2 со 37-годишен тип, немаше да куцаме на мобилен и да му го упропастиме доживувањето, и нему и на другите околу нас. Ќе го бакневме во обравчето, ќе го погалевме по косичката, ќе му шепневме дека не ни се гледа филмот и ќе си заминевме… засекогаш.