За разлика од денешното селфи, портретите се долготраен процес во кој ако ти си моделот, подвиг е да ја задржиш насмевката цело тоа време. Луѓето особено не се смееле во класичните портрети, кои ем биле поретки, ем знаеле да потраат и по неколку месеци додека бидат завршени.
Згора на тоа, аристократијата – која обично била таа што може да си дозволи портрет, се држела одмерено и сериозно. Без причина се смееле само будалите. Денес на затвореник во самица дај му смартфон и ќе постира насмеани селфиња, ко да е Дизниленд.
Како и да е, поради тоа длабоко отсуство на насмевките, целата класична уметност изгледа некако мрачна и пресериозна. Во ера на Фотошоп и апликации како FaceApp, стварно нема потреба да е така, смета лондончанецот Olly Gibbs. И ете, ем ја поправил работата, ем и вас ќе ве насмее.