Блиската иднина, да бидам попрецизен. Драги мои, оваа епизода ќе има малку пофилозофски карактер, односно нема да ве гњавам со многу технички детали. Во многу од моите претходни епизоди, со голема возбуда пишував дека ни доаѓаат “златни” времиња, во кои достигнувањата на автомобилската индустрија ќе бидат еквиваленти на, да речеме, оние од градот Дубаи, на почетокот на новиот милениум.
Преведено во универзалниот авто-јазик, доживеавме да хот хечбек е побрз од Pagani Zonda, автомобил на батерии од екс-југословенско производство да биде побрз од LaFerrari, Bugatti Veyron и Porsche 918 Spyder и второкласните модели да ги засенат знаменосците. Сите знаеме дека знаменосецот на Lamborghini беше декласиран од помалиот Huracan Performante и дека McLaren 720S е побрз од P1. Знам дека вторава констатација е болна за McLaren, но кој ви е крив кога сте многу добри. Башка P1 е веќе пет години стар. Но… Секое чудо за три дена, бидејќи доаѓаат неверојатните хипер дечки со неверојатни перформанси. Два автомобили се тука, два ги очекувавме, за два се прашуваме што стана со нив, а информацијата за еден не погоди како гром од ведро небо.
Изминатиов период, сите автомобилски експерти, јутјубери и лаици, воздивнуваат поради фактот дека Bugatti Chiron развива 320 километри за 16 секунди, а само површно го проследија фактот дека Koenigsegg Refers од место до 400 километри на час оди за 20 секунди! Нормално, Chiron е миленичето на најбогатата автомобилска корпорација, а Regera е ремек делото на еден Кристијан Коенигсег кој има едвај стотина вработени. Да не бидам сфатен погрешно, Bugatti Chiron е Неговото Височество, но му недостасува Грејс Кели. И револуционерен дух. Има ли нешто пореволуционерно од тоа да вградите F1 мотор во легален автомобил? Ако ги прашате луѓето од AMG-Mercedes, има! Фалат електромотори.
Едноставно не можам да продолжам без да ги споменам неверојатните бројки поврзани со овој уличен болид. Значи… 1.6 литарскиот турбо F1 мотор ќе испорачува максимални 748 коњски сили и ќе врти до 11.000 вртежи во минута. Кога бензинецот ќе загуби здив, на располагање ќе му бидат четири (!) електро мотори кои заедно ќе произведуваат 408 коњски сили и ќе бидат распоредени на предната оска, осовината и турбо полначот! Замислете го само вртежниот момент на овој хипер Mercedes-Benz. Но се си има своја цена, па така на секои поминати 31000 километри, првиот легален хибриден F1 автомобил мора да оди на сервис. На хартија овие перформанси изгледаат импресивно, но колку навистина брз ќе биде AMG One? Според Тобиас Моерс од AMG, првиот хипер Mercedes-Benz ќе биде поекономичен и “минути” побрз од A45 AMG на патеката Нирбургринг! Минути?! Најмалиот AMG ја заобиколува 22 километарската патека за некаде околу 8 минути. Бидејќи човекот говори во множина, тоа значи повеќе од една минута. Засега нема да шпекулирам, но сигурен сум дека Project One ќе ја помине патеката десет секунди побрзо од сегашниот рекордер Lamborghini Huracan Performante. За аеродинамиката засега нема да пишувам многу, но само да знаете дека најбрзиот Mercedes-Benz ќе позајмува аеродинамични решенија од NACA (National Advisory Committee for Aeronautic).
Ќе бидат направени само 300 од Mercedes-Benz AMG Project One, а еден ќе чини 2.5 милиони евра. Едно е сигурно, Mercedes-Benz од секогаш и во секој сегмент поставувал нови правила на игра, па така ќе биде и сега.
Mercedes-Benz и BMW исто како Ferrari и Lamborghini се секогаш рамо до рамо. Во супер сегментот, Mercedes-Benz со SLS и AMG GT R е доминантен во однос на конкурентскиот и без врска BMW i8. Но ривалството е толку големо што кружат гласини дека и BMW прават хипер автомобил! А знаеме каде има чад, има и оган.
Доколку овој амбициозен проект добие зелено светло, најдобриот BMW ќе биде хибрид, односно ќе има бензиски V10 атмосферски мотор и најмалку два електро мотори кои ќе бидат поставени на предната оска. Доколку овој BMW некогаш го помириса асфалтот, нема да има погон на сите четири тркала. Сето ова ви звучи како бајка? Не би рекол. Една веќе го имаа M1.
За крај се прашувам и ве прашувам, која судбина ги снајде SSC Tuatara и Hennessey Venom F5? Ви текнува ли на SSC Aero еден од најбрзите автомобили во светот? Наследникот Tuatara требаше да има околу 1350 коњски сили, 1250 килограми и максимална брзина од околу 450 километри на час! Hennessey Venom F5 е автомобилот со најдоброто педигре во светот. Неговиот претходник Venom GT е убиецот на Bugatti Veyron Super Sport и официјално најбрзиот автомобил во светот (435 километри на час). За F5, Господинот Хенеси изјави дека со леснотија ќе оди до 470 километри на час!? Каде се овие автомобили?
Сакаш уште Throttle/Brake?