Ако влезете во просечна градинка, веројатно ќе најдете купишта играчки: коцки – гарантирано, ама и колички, кадифени мечиња, пластични алатки и сл. Но, во последно време, многу детски градинки во Германија се откажуваат од играчките.
Причината – на тој начин се обидуваат да ги одвратат децата од зависноста од дрога.
Јеп, не се зезаме. Движењето за „укинување“ на играчките за деца во градинките не цели кон стимулирање на креативноста или спречување на детските караници околу играчките. Целта е децата да не станат зависни од дрога во подоцнежната возраст.
Укинувањето на играчките за децата во градинките кои се на возраст од три до шест години, наводно значи дека тие ќе усвојат важни вештини кои подобро ќе ги подготват за животот и ќе ја намалат нивната склоност кон дрогата кога ќе пораснат.
Приврзаниците на идејата тврдат дека меѓу животните вештини кои децата ги стекнуваат кога не си играат со играчки, се емпатија, креативност и критичко мислење, способност за решавање на проблеми, разбирање и сакање на самиот себе си. Тоа се вештини кои ќе им помогнат на децата додека растат и кога ќе пораснат, и кога ќе се соочуваат со емоции и ситуации кои во други околности би можеле да ги доближат до дрогата.
Моделот на градинка без играчки подразбира период од три месеци, во кои денот во градинката е целосно неструктуриран, па децата можат да измислуваат сопствени игри и да одлучат дали сакаат да играат во група или да прават нешто сами.
Во суштина, децата продолжуваат да играат, велат поддржувачите, но тоа го прават на поинаков начин. Притоа ги контролираат игрите кои ги играат, и начинот на кој играат со другите. Така децата не поминуваат неселективно од една активност на друга, туку можат да ја играат секоја игра колку што сакаат.
Нема убедливи докази
Приврзаниците на идејата тврдат дека по три месеци во градинка без играчки, децата не се толку под стрес, се пофокусирани, и имаат поголема доверба во себе и во интеракцијата со другите. Но, сé е тоа „на хартија“. Нема конкретно долгорочно истражување што ги потврдува овие резултати, ниту пак има некакви податоци дека децата кои не си играле со играчки имаат помала тенденција да користат дрога подоцна во животот. Претпоставуваме дека нема ни истражувања што докажуваат дека дружењето со повеќе деца оддалечува од дрогата (башка што дрога обично се пробува во друштво).
А идејата како идеја – е стара. Постои веќе неколку децении. Истражувањата од 80-тите години на минатиот век потврдуваат дека зависноста од дрога обично влече корени од детството. Базирано на тој факт, некои од научниците сметаат дека одземање на играчките кои децата ги користат како дистракција од здодевноста или негативните чувства, ќе им помогне на тие деца да ги развијат потребните вештини за справување со таквите и сличните чувства кога ќе бидат возрасни.
По отварањето на првата градинка без играчки во почетокот на 90-тите години на минатиот век, идејата се рашири низ цела Германија, но и Европа. Во Америка не е особено популарна.
Времето ќе покаже дали програмата навистина функционира. А може и нема да покаже. Во меѓувреме, секако, родителите, наставниците и училишните раководства веројатно ќе продолжат да трагаат по методи со кои ќе ги заштитат децата (од дрога и други зависности) во подоцнежната возраст. Во таа потрага, логично е и да згрешат (што не мора да е случај и со играчките).