Воден од желбата да ги подобри условите во својот дом, Хванг Дафа – поглавар на малото кинеско планинско село Каовангба, поминал 36 години копајќи 10-километарски канал за вода преку три планини.
Во Кина има легенда за еден старец по име Ју Гонг, чија куќа од најблиското село ја делеле две планини. Па Гонг почнал да копа низ нив, за да направи директен пат до селото. Луѓето му се смееле и го задевале околу залудноста на неговиот обид, но Гонг имал интересен одговор: За разлика од неговите потомци, кои можат да копаат со генерации, планините не можат да пораснат повисоки. Трогнати од неговата цврста волја, боговите ги поместиле планините и му го расчистиле патот. Денес постои изреката „yu gong yi shan” – што се употребува со значење „да се помести планина“ – и ја опишува амбицијата соочена со непремостливи пречки.
За разлика од митскиот Ју Гонг, кому му помогнале боговите, на Хванг Дафа му помогнале само решителноста и моќта на убедување. Неговиот амбициозен проект да ископа канал преку трите карпести планини почнал во 1959 година, а во неговото комплетирање се вложени 36 години напорна работа. Денес, селото „цвета“, благодарение на константниот доток на вода, а Хванг го слават како реална верзија на Ју Гонг.
Пред неговиот импресивен подвиг, регионот бил под постојан удар на суша, а жителите речиси и да немале вода за пиење. Освен еден бунар, сите други извори пресушиле, па водата морала строго да се распоредува во многу ограничени количини. Ако некој земел малку повеќе вода, тоа значело дека некој ќе остане без капка.
„Имаше правило дека никој не смее да земе премногу. Ако земеа, некој друг ќе немаше да се напие за доручек. Овие услови нé мотивираа“, се сеќава заменик-поглаварот Ксу Жу. „Заборавете на наводнување. Имавме 330 квадрати оризово поле, кое беше пресушено до тој степен што можевте да го ставите стапалото во пукнатините на земјата. Имавме сериозен проблем. Па почнавме да бараме сериозно решение“.
Но немало многу опции. Можело само да се бега, или да не се направи ништо. Или, да се послуша Хванг, кој токму овој аргумент го искористил за да ги убеди луѓето дека мораат да донесат вода дури од селото Јибао, оддалечено неколку километри, лоцирано зад трите планини.
Жителите на Каовангба сметале дека е невозможно, дека водата никогаш нема да стигне до нив. Но немајќи алтернатива, неколкумина почнале да ја следат вербата на тогаш 23-годишниот Хванг дека планот може да им успее. Со тоа практично и му го довериле животот – условите биле тешки, а Хванг морал да ги води во опасни задачи, во вистинска смисла на зборот. На пример, Хванг се сеќава дека бил првиот што скокнал од 300 метри висока карпа, врзан со јаже за дрво на врвот од карпата. „Ако јас не се осмелував, никој друг не се осмелуваше“, раскажува. Но многумина не се нафаќале дури ни по сведочењето на неговото херојство – едноставно било преопасно.
Селаните поминале 10 години копајќи 100-метарски тунел низ еден од планинските врвови, единствено со рачни алатки, но залудно – водата не течела како што тие планирале. Хванг сфатил дека иако нивната решителност е силна, нивното знаење за текот на водата не е. Па затоа заминал во најблискиот град на неколку години, за да учи инженеринг на водни системи.
Се вратил во раните 1990-ти и побарал од селаните да се обидат одново. Тие се согласиле, и овој пат имале многу подобар прогрес, главно поради тоа што Хванг постојано бил на лице место и ја надгледувал и планирал работата.
Во меѓувреме цената ја платил неговиот приватен живот; ќерка му и внук му починале додека тој работел во планините. „Не беше дома, дури и кога сестра ми беше на смртна постела“, вели неговиот 53-годишен син за China Daily. „’Градежните’ тимови немаше да знаат како да продолжат ако тој не беше таму“.
Во 1995 година, 7.2-километарскиот канал, заедно со гранката долга 2.2 километри, конечно биле комплетирани, а водата почнала да тече во Каовангба. Каналот поминува и три други села, кои исто така ги снабдува со вода. Наречен е „Дафа Канал“, во чест на мастермајндот зад неговата изградба.
„Бев решен да донесам вода во Каовангба. Луѓето оттогаш имаат изобилство од храна. Полн стомак значи мирен ум“, изјави неодамна 82-годишниот Хванг. „Ако можеме да направиме нешто (за напредокот), треба тоа да го направиме. Не можеме да чекаме нештата едноставно да се случат. Дузина години од мојот живот поминаа без ништо да се случи“.
ECNS наведува дека импресивниот воден канал им ги олеснува животите на 1200 луѓе, а производството на ориз е зголемено 16-кратно – од 25 тони на 400 тони годишно.
Во 1995 година, кога каналот бил комплетиран, селото добило и струја, и нов пат. Сите три проекти се предводени и се заслуга на Хванг. Ниту тој самиот не ја крие гордоста од направеното.
Дури и денес, на 80 и кусур години, поранешниот поглавар на селото поминува голем дел од времето на редовни проверки на каналот, за да се осигура дека сé е во најдобра функција.
Ова нé потсети и на еден друг „човек кој помести планина“ – Дашрат Манџи од Индија, кој две децении рачно копал пат до најблискиот град.