На една „свадбена група“ на Фејсбук, еден пар сподели фотографии од нивната свадба сликани од гостите. Гостите, нели, секако ќе сликаат. Зошто ти е тогаш професионален фотограф, кога сé што треба е да им побараш после свадбата да ти ги испратат сликите преку Фејсбук, Вибер или Dropbox?
Тука доаѓаме до моментот кога е можно да се разминеме, макар што сигурен сум дека ќе има многу на моја фреквенција. Имено, јас баш уживав во фоткиве, сé додека не сфатив дека самиот младоженец е професионален фотограф, и поентата на постот во групата му е да докаже дека секоја пара дадена за професионален фотограф е добро потрошена пара. Како доказ ги наведува фотографииве од неговата свадба сликани од професионалец, во смисла дека се многу подобри:
Е сега, пак ќе речам: Непрофесионалните фотографии од гостите мене лично повеќе ми се допаѓаат. Да, професионалните се навистина убави и имаат многу поголем квалитет, ама секогаш личат една на друга и се некако вештачки, премногу калкулирани.
Овие од гостиве изгледаат некако повеќе лични, поспонтани, пореалистични, и поблиски до животот. Згора на тоа, ја доловуваат и перспективата на гостите, па секоја фотографија е како мал подарок од нив за младоженците.
Да, непрофесионалните фотографии имаат гранулација, noise – или како и да се вика тоа во професионалните кругови. Да, се и малку повеќе blurry, повеќе заматени. Ама такви се и спомените кога си ги враќаме во главата, нели?
Утешителното за мене е што целта на младоженецов/фотограф веројатно му е да си направи реклама, иако според мене, ова е антиреклама.
Тој вели: „Сé што знам од лично искуство, како женет човек, е дека сé што останува од свадбата се фотографиите“. Ако е навистина така, дечкото бил на погрешна свадба.