Музејот што им дозволи на посетителите да гребат ново Ламборџини

Ако си од тие што ќе добијат срцев удар ако им ја изгребат колата, да знаеш, статијава ќе боли.

Минатиот септември, данскиот музеј ARoS Aarhus Kunstmuseum ги покани посетителите да изгребат црно Ламборџини Галардо кое беше поставено како дел од изложбата со наслов „Ниту еден човек не е остров“ – изрека што се употребува со значење дека никој не е сам и изолиран, и дека твоите постапки секогаш ги афектираат другите.

Како и да е, цели три недели, сите што сакаа можеа да го остават својот деструктивен траг врз скапиот италијански автомобил. Иако луѓето беа скептични на почетокот, штом еднаш беа уверени дека нема да сносат последици и некаква одговорност за својот вандализам, прилично се опуштија. Кутрото Ламборџини.

Кутрото Ламборџини

Една од првите пароли што беше изгребана на Галардо-то беше зборот „ŠKODA“ (на гепекот), за која знаеме, нели, дека е многу поевтин бренд на автомобил. Покрај тоа, луѓето изгребаа и поздрави, слогани и љубовни изјави и писма, рандом шкртаници, ама и срце со зборовите „Fast Art“.

Музејот планираше да го остави Ламбо-то на милост и немилост на посетителите повеќе од три недели, но се случи тоа што никогаш не го помислија – штетата стана толку голема, што сфатија дека ако го остават уште малку, ќе биде изгребана целата боја. А тоа не беше поентата, туку да се зачуваат испишаните пораки до таа фаза. Згора на тоа, луѓето почнаа да ги гребат и прозорците – што не беше дозволено, како и да вадат букви од логото „Lamborghini“ на задниот дел од автомобилот. Денес се останати само две.

Па така, музејот постави чувар пред автомобилот и прогласи дека сега делото е комплетно и веќе не е дозволена интеракција со возилото. „Еднаш штом ќе се откажете од контрола, како што направивме ние, веќе не можете да кажете дека нешто е забрането. Делото беше интерактивно, а ние заклучивме дека Aarhus има многу ентузијастична, интерактивна публика“.

Пораката

Можеби сметате дека да се вандализира прекрасно Ламборџини Галардо е најглупата идеја во поновата историја, а и ние обично не паѓаме на овој тип на – условно речено – уметност, ама…

Уметникот (кој го купил Ламборџиниво специјално за проектов) има поента. Пернил Тагард Динесен – куратор на музејот, вели дека изгребаното дело, насловено „Low Key“, има за цел да покаже дека „сé што правиш, секоја акција, остава белег на општеството во кое живееш. Никој од нас не останува недопрен, а секоја мала акција има импакт на целината“.

„Сé е во тоа да се покаже дека секоја индивидуална деструктивна акција, остава јасни траги и придонесува за општество чија фасада полека напукнува“, дообјаснува данскиот сајт Stiften. Како на пример, да возите Ламборџини, појаснуваме ние; постапките што ќе те доведат до тоа да возиш Ламборџини, оставаат последици на другите луѓе во општеството. Да се мисли поинаку е илузија.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Фејсбук критиката

Се разбира, на Фејсбук страната на музејот, луѓето го обвинија ARoS Kunstmuseum дека охрабрува вандализам; дека штом еднаш некој ќе се осуди да изгребе Ламборџини, ќе има наклонетост истото да го направи и во друга ситуација. За разлика од кукавичкото извинување од NIVEA, Динесен се согласи дека тоа е сосема можно, додавајќи дека улогата на едно уметничко дело е да создаде материјал за размислување, па дури и да го промени однесувањето на поединецот.

Но додаде и дека во таков случај музејот ќе нема ништо со тоа, а целата одговорност е на поединецот. „Ние ве охрабруваме да изгребете Ламборџини овде, во музејот, а не на улица. Контекстот е многу важен“.

„Ламборџинито е уметност, ова е вандализам!“

Некои луѓе сметаат дека самото Ламборџини Галардо е уметничко дело само по себе, и дека проектов на данскиот музеј претставува сквернавење на уменоста. Динесен објаснува дека баш тоа е поентата и дека намерно е избрано Ламборџини, бидејќи ја прави пораката многу посилна.

Ако се работеше за Ситроен Берлинго, на пример, никој немаше мува да го полази додека гледа во шкртаниците. Во игра било и Порше, но сепак, многу повеќе луѓе можат да си го дозволат, за разлика од Ламборџинито, кое можат да си го приуштат само мал дел од светската популација. За останатите, тоа е само неостварлив сон.

„И затоа луѓето реагираат толку бурно на Low Key“, додаде кураторот. „Бидејќи му го направивме ова на нешто иконско; масакриравме момчешки сон“.

Околу тоа дека е глупа идеја 

Дури и да не паѓаме на делот со поучните пораки, а гледаме само на материјалниот аспект, пак ни пропаѓа теоријата дека гребењето на Ламборџиниво е глупа идеја. Иронично, но ова конкретно Галардо еден ден веројатно ќе вреди многу повеќе од чичка ново, макар и понов модел. Па, кој е глупиот сега? Музејот и уметникот не се.

Гребењето се случи пред седум месеци, но автомобилот останува изложен до ден денес, како уметничко дело што ја предизвикува мислата. Ќе остане во музејот барем до септември, по што ќе му биде вратено на норвешкиот уметник кој се самонарекува DOLK.

- Реклама -