Дури и Мафијата има удел во одбраната на Италија од терористички напади

По бранот последователни терористички напади, Велика Британија, Франција, Германија и Белгија почнаа тешки дебати за ефикасноста на постојните стратегии за национална безбедност. Одговорноста на политичарите е да одговорат на стравовите на општеството и ризикот по човечки животи. За жал, стравот често провоцира одмазднички мерки за борба против тероризмот кои на крајот се сé освен успешни.

Сепак, има една земја во Европа која презема поинаков пристап: Италија.

Имунитет на терористички напади

Италија останува “имуна” на џихадистичките терористички напади, но не и од заканите. Неколку дена по нападот во Лондон на 22 март, кога маж удри во пешаците на мостот Вестминстер, италијанската полиција уапси четворица мажи осомничени во таен заговор да го разнесат познатиот средновековен мост Риалто во Венеција. Излезе дека самопрогласените терористи се издале поради некомпетентност, а полицијата ги прислушувала нивните телефони. За среќа, Италија засега се соочува со џихадистички групи кои не се професионално подготвени.

Сепак, тоа не значи дека опасноста не е реална. Италија учествуваше во војните во Ирак и Авганистан, како и во воената интервенција против Исламска држава. Тоа ја прави потенцијална цел за одмазда. Од друга страна, учеството на италијанските вооружени сили беше премногу скромно за да создаде доволен повод за таква крвава освета.

Сепак, Од 80-тите години на дваесеттиот век, Италија служи како  логистичка база за бројни радикални исламистички движења од Северна Африка и Блискиот Исток. Во градовите како Милано и Комо имаше цели центри на џихадистичката мрежа која дејствува на територијата на Европа. Овие центри продолжуваат да постојат под ваква или онаква форма, иако полицијата спроведува чести антитерористички операции. Во меѓувреме, мнозинството од Италијанците немаат многу увид во работата на службите за борба со тероризмот.

Слабо џамии

Јавната дебата во голема мера е ограничена во рамките на консензусот постигнат од сите влади – без разлика дали се на левицата или на десницата. Од почетокот на новиот век, без многу врева Италија затвори бројни нерегуларни џамии. Самите италијански граѓани се противат на изградбата на нови религиозни центри за муслиманите, па таквите одлуки на властите не подложи на критика од својот народ.

Што се однесува до антиимиграционите политики кои земјата ги спроведува во пракса, тие се косат со нормалните гаранции кои Италија декларативно ги нуди во однос на слободата на вероисповед. Дел од политичката елита на земјата, на пример, ја сведува религијата на “прашање од национална безбедност”.

Интересно и чудно е што во Италија постојат само 4 регистрирани џамии, со оглед дека во државата живеат над 1.6 милиони муслимани. Причините за ова несовпаѓање се и бирократски, смета Арнаболди. За да регистрирате џамија во Италија, треба пред властите да поднесеш еден куп документи. За создавање на “исламски културен центар” (стотици слични организации постојат во Италија), постапката е доста поедноставна.

Ќерка ти се вика Џихад? Леташ од Италија

Владата спроведува и други антитерористички мерки – како систематска депортација на осомничени лица без особена јавна расправа. Во 2015 година, поранешниот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано со извесна доза на гордост соопшти дека бројот на депортирани лица поради закана по националната безбедност е тројно поголем во споредба со годината претходно. Денес нивниот број е пораснат на 153 лица.

Аргументите зад депортациите варираат помеѓу помалку или повеќе сериозни обвинувања. Често Италија депортира имигранти и поради најмала манифестација на симпатија кон екстремистичките идеи. На пример, случајот со еден салафитски проповедник кој ја крстил ќерка му “Џихад”.

Граѓанските права се концепт премногу идеалистичен за да го попречи цврстото спроведување на законите

Од гледна точка на демократскиот систем, под знак прашање е дали италијанскиот пристап постигнува рамнотежа помеѓу прашањата на безбедноста и заштитата на основните човекови права. Такво право е слободата на вероисповед, дури и кога се исповеда во фундаменталистичка форма.

Некои аналитичари сметаат дека вистинската причина за успехот во превенцијата на терористички напади на Италија е цврстата позиција на земјата во однос на спроведувањето на законите. Италија има предолга историја на борба со внатрешни левичарски или националистички терористички групи. Борбата против мафијата ги принудува(ла) безбедносните служби и полицијата да бидат поефикасни, дури и по цена некои од нивните мерки да изгледаат вознемирувачки од гледна точка на граѓанските права. Ионака таквата гледна точка се покажува премногу идеалистичка за да биде безрезервно прифатена.

Млада миграција

Во Италија сé уште има само една генерација на имигранти, која допрва зрее. Таму не е истиот случај како кај француското општество, на пример, каде втората или третата генерација на имигранти е многу чувствителна на пропагандата на “Исламска држава” во Европа. Според службите, од 110-те лица кои заминале од територијата на Италија кон Сирија и Ирак со намера да се приклучат на паравоените групи, само 12-15 се италијански државјани. Тоа е прилично скромен удел во споредба со оние близу 1.200 лица, кои патуваат од Франција кон Блискиот Исток и кои можат да се вратат во Европа подготвени за спроведување на терор.

Според оваа теорија, Италија се потпира на демографската структура, а не на некоја комплексна стратегија за борба со ризиците. Резултатот е намалување на потенцијалните закани преку строги мерки за безбедност и контрола врз протокот на миграција.

Мафијата

Има и уште една карактеристика на италијанскиот модел, строго поврзана со структурните пречки, а не со владините мерки. Еден од најголемите проблеми за развојот на терористичките групи во Италија е улогата на Мафијата и нејзиниот монопол врз црниот пазар на оружје. Сé додека мафијата ги држи конците, џихадистите тешко ќе се докачат до оружје.

Сепак, ако италијанските џихадистички радикали се поврзат со француските, британските, белгиските или германските истомисленици, ништо не може да го спаси италијанските сили за безбедност од нови и непредвидливи закани.

Антитероризмот против правата и законите

Можеби најконтроверзниот случај од последните години е случајот на имамот Абу Омар. Египетскиот проповедник пристигнува во Италија во 2001 година, и притоа добива регуларен пасош на бегалец. Безбедносните служби сепак го ставаат под надзор поради наводни врски со мрежите на “Ал Каеда”. Абу Омар се сомничи за членство во “Гама Ислам”, организацијата одговорна за крвавото востание во Египет во 90-тите.

Во 2003 година, екипи на италијанските и американските разузнавачки служби го киднапираат Абу Омар од центарот на Милано, по што го враќаат назад во Египет да служи затворска казна од 4 години, без воопшто да биде покренато обвинение.

Обвинителот Армандо Спатаро, кој го надгледуваше случајот, беше запрепастен од отсуството на казни поради вонредната злоупотреба на службената должност. Тој предупредуваше дека италијанскиот правен систем е поставен под ризик. Притоа неколкукратно нагласуваше колку е важно антитерористичките мерки да не влегуваат во конфликт со законските принципи, кои се основниот материјал на секоја демократија.

Спатаро излезе во право, бидејќи во 2009 година, 22 вработени на ЦИА и еден потполковник од американските воздухопловни сили се осудени во отсуство за киднапирање на осомниченото лице.

Строгите мерки и нивната (контра)продуктивност

Колку овој тип „хардлајнерски“ методи се одржливи на долг рок – е контроверзно прашање. Истражителите сé уште се расправаат дали џихадистичките групи претставуваат нова форма на тероризмот, но сите се согласуваат дека таквите групи имаат корист од растечката социјална нееднаквост во Европа.

Во контекст на тоа, секоја демонстрација на намерен остар однос кон муслиманите од страна на властите, може да биде контрапродуктивна. Можно е тоа да доведе до чувство на прогон и незадоволство, особено меѓу приврзаниците на екстремистите, кои вака мотивирани лесно можат да се решат на манифестација на насилство и терор. Исламска држава тоа го знае многу добро и одамна ги користи таквите расположенија, претворајќи ги во моќна алатка за привлекување на „кадри“.

- Реклама -