Како тоа луѓето почнаа да веруваат дека вакциниранeто на децата против мали сипаници, заушки и рубеола предизвикува аутизам? Таткото на оваа лага е д-р Ендрју Вејкфилд – англиски хирург и медицински истражувач кој во 1998 година објави студија во познатото списание The Lancet, во која тврди дека открил врска меѓу вакцините и развојот на аутизам.
Аутизмот е растројство на развојот на мозокот што предизвикува социјален, когнитивен и комуникативен хендикеп. Компликациите и симптомите можат многу да варираат. Болеста не избира етнички или социоекономски групи. Може да биде погодено секое дете. Денешните проучувања покажуваат дека болеста е резултат на генетска предиспозиција, заедно со компонента на животната средина. Но, според Националната асоцијација за аутизам на САД, сé почестото дијагностицирање на аутизмот (читај: неговата зачестена појава) во последните 20 години, не може да се должи само на генетски предиспозиции.
Кога е објавен написот, тој се шири како шумски пожар низ светот, раѓајќи страв кај родителите и педијатрите. Но, по проучување на работата на д-р Вејкфилд, кое траеше една деценија, и студии направени на над 25.782.500 деца, дојдено е до заклучок дека врска помеѓу вакцините и аутизмот нема. Статијата на Вејкфилд е симната во 2010 година, поради недостаток на точни статистички анализи, поради недостаток на контролна група, поради тоа што како извор на податоците биле користени сеќавањата на луѓето, поради заклучоци кои не се базираат на реални факти и само 12 тест објекти… Како автори на предметната статија се потпишуваат 13 лица, а генералниот заклучок е направен врз основа на само 12 деца.
По 1998 година, научниците спроведуваат бројни студии за да откријат која е всушност вистината. Во 1999 година, е објавено истражување врз 500 деца. Врска помеѓу вакцините и аутизмот не е најдена. Но, за да се посигурни, 2 години подоцна научниците спроведуваат ново истражување, овој пат со 10.000 деца. Во Данска се прави студија врз 537.000 деца, а во Финска истражување врз 535.000 деца. Не само што никој не успеа да ги репродуцира резултатите на Вејкфилд, туку не е најдена никаква врска меѓу вакцините и аутизмот.
Во 2012 година се врши мета-анализа брз податоци од 14.700.000 деца. Пак ништо. Сепак, поради делото на Вејкфилд, милиони деца остануваат невакцинирани.
Денес 1 од 4 родители верува дека вакцините предизвикуваат аутизам кај здрави деца, што е и причината за растечкиот пад на вакцинирањето. Се проценува дека во последните 20 години, вакцините кои им се давани на бебиња и деца ќе спречиле 322 милиони случаи на различни болести, 21 милиони хоспитализирани и 732.000 смртни случаи.
И покрај тоа, околу 50.000 во САД се заразија со пертусис (голема/магарешка кашлица) во 2012 година, кога имаше 20 жртви. Тоа е високо заразна респираторна инфекција која може да се избегне ако детето е вакцинирано. Пред објавувањето на статијата на Вејкфилд, во 1980 година имало само 2.900 случаи на заболени.
Постојат многу модерни и безбедни вакцини кои можат да ги поштедат децата од многу маки кога родителите би биле добро информирани дека опасност нема. Жално е што сé повеќе се верува на жолтиот печат и медиумските лаги, отколку на научниците и статистиката, наведува бугарскиот 6nine.net.