Преку ден веројатно би го одминале објектот без воопшто да ви привлече внимание. Однадвор делува како некаква стара административна зграда, опкружена со осамен супермаркет и комунистичка архитектура. Но ако на тоа место дојдете во викенд, ќе наидете на потполно нов свет.
Ова место е рај за љубителите на рејв и електронската музика, и дом на нонконформистите и безбедно засолниште за сите кои сонуваат за исполнување и на најскриените сексуални фантазии. Се работи за врвниот европски андерграунд ноќен клуб Бергхајн во Берлин.
Некои од најпопуларните светски магазини, како New York Times и Rolling Stone го нарекуваат „најдобриот ноќен клуб на светот“. Бергхајм е познат по безбројните приказни за тоа што се случува таму, а кои скоро по правило вклучуваат дрога, безобразен секс и неверојатно добро индустријал-техно, особено што клубот го има најмоќното озвучување на светот.
Клубот е подеднакво познат и по својата политика на непуштање, т.е. пребирање на луѓето во клубот. Таквото пребирање на влезот се случува без некаков конкретен критериум – можеш да чекаш со часови и на крајот вратарите да те одбијат, без никакво објаснување. Никој не е имун на таа политика; дури и Бритни Спирс ја има „бацено вратата“, заради несоодветна облека (ама не „несоодветна“ каква што мислите).
Сепак, дел од тие што ќе влезат знаат да останат и од петок навечер до понеделник наутро. Тие и другите обожаватели како нив, Бергхајм го нарекуваат „Црква“ и „Црквата“. Се работи за бетонски „лавиринт“ на три ката, отворен во 2004 година. Лоциран е во источен Берлин, меѓу популарните квартови Кројзберг и Фридриххајн – оттаму и името.
Куп правила, ама „се исплати“
На пример, во вецињата се забранети огледала, за луѓето да не се исплашат од својот одраз после часови и денови журкање, ама и за да се обесхрабри суетата меѓу гостите.
Објектот е опколен со жица, а се состои од неколку делови: Бергхајн, Panorama Bar и The Lab т.е. Ораториумот. Овој последниот е само за хомосексуалци. Таму мажите мораат да се соблечат пред влезот и да ја остават облеката во пластични вреќи, пред да се приклучат на журката. За време на Велигден, таму се случува – само за мажи, познатиот Snax клуб – секс и фетиш забава што трае цел викенд.
Уште една позната карактеристика на Бергхајн се фамозните „dark rooms“, во кои се одвива секс со мотото „кој со кого стигне“ и нема правила.
Но не се само тајноста и развратните журки заслужни за популарноста на Бергхајн. Тука се и најпознатите светски диџеи кои гостуваат во берлинската субверзивна атракција, а донекаде и логично – и самиот престиж да те пуштат на врата.
Вратарот Sven Marquardt, на пример, е маскота на Бергхајн и подеднакво голема легенда. Цел со тетоважи и пирсеви, Свен во Берлин е локална селебрити фаца и пионер во поставувањето на правилата за „реален сооднос“ меѓу гостите на кои ќе им биде дозволен влезот.
Како што рековме, многумина се спремни да чекаат со часови за амин од Свен и колегите, и свесно ризикуваат да бидат одбиени во последен момент и без објаснување.
Колку е тоа комплицирана процедура покажува и постоењето на куп блогови и совети за тоа што да направиш, а што да избегнуваш за да те пуштат во Бергхајн. Има и апликација што ве известува за должината на „опашката“ и брзината со која напредува, во секој даден момент.
Некои од советите се да не зборувате додека чекате, особено не на англиски. Важно е и да го тргнете мобилниот и да не се однесувате како турист. Штиклите се аут (како и Бритни Спирс), а ин е црното и минималната шминка. За шљокици ич да не помислувате. За селфи или снимање – исто така. Тоа ви е гаранција дека ќе летате надвор, зашто дискрецијата во Бергхајн е света.
Сé на сé, постои едно најважно правило – не се заебавајте со тие кои го носат одлуките во Бергхајн. Сé друго се исплати, велат тие што доживеале.
А тоа – доживувањето на Бергхајн, ќе биде голем проблем. Во меѓувреме, од март, клубот воведе ултра-строги правила за „непуштање“ на врата. Состави листа од 196 земји – на луѓето од тие земји ќе им биде забранет влезот. Хинт: Фора е, толку земји има вкупно во светот.
„Овде во Бергхајн чувствуваме дека полека стануваме малку премногу мејнстрим. Без разлика колку и да се трудиме да го отежниме влегувањето, стануваме сé повеќе и повеќе популарни… Целата поента на тоа да се отежни влезот во клубот беше за да не го направиме ексклузивен локал за најкул клаберите, туку за да ги спречи луѓето да влегуваат. Ама ни се удри од глава“, вели креативниот директор на клубот – Клаус Блек.
„Сега ја воведовме Листата, во надеж дека тоа ќе нé направи андерграунд мека-та каква што навистина сакаме да бидеме. Тоа е прилично долга листа и ги опфаќа сите големи континенти на светот. Се гордееме со нашата инклузивност – никого не судиме по основа на раса, националност, сексуална определба или религија. Само сакаме да ги одбиваме сите подеднакво, па затоа ја ставивме секоја можна земја на нашата забранета листа. Тоа ќе го направи влезот невозможен за сите, освен за тие што се на листата со гости, која практично и не постои…“.
Во меѓувреме, според Блек, повеќе шанси имате да се качите на авион-играчка, отколку да влезете во Бергхајн.