Германија во благ шок поради лажни пешачки премини и паркинг места

Германската полиција и медиумите наголемо се активираа во потрагата и следење на случајот околу авторот на „новите“ пешачки премини и паркинг места кои преку ноќ се појавија во градот Епертхаузен, во средишниот дел на земјата.

На улиците се појавија шест нови непланирани (од властите, авторот секако дека ги планирал – до извесен степен) пешачки премини. Минувачите брзо ги забележале новитетите, доказите биле таму, црно на бело, исцртани со неправилни линии со спреј.

Истото било и со случај и со новите паркинг места. Мислам, кој нема да забележи ново паркинг место?

Локалната полиција во Епертхаузен – град со 6.000 луѓе, а во земја позната по своето строго придржување кон правилата на патот, беше прилично лута и го искара вандалот (пред да соопшти дека го фатиле) дека лажните пешачки премини не се така наивен прекршок, дека не мислат дека е забавно, и дека нема да толерираат вакви мајмунлаци.

Градоначалникот исто така беше лут. Иако пешачките очигледно се нацртани со спреј и немаат прави линии, тој рече дека сепак претставуваат безбедносен ризик за децата и постарите лица, кои може и да не забележат дека е тоа илегален премин.

Прочитајте и:  Мерц ја повикува Европа да му покаже заби на Трамп

Кога странец во Германија ќе се обиде да помине на црвено, ќе се соочи со остар презир во погледот на сите околни Германци. Ништо чудно и на вести да го дадат. Така, уште помалку чудно е што овој случај предизвика медиумско внимание, па дури и бес меѓу голем дел од Германците.

Како и да е, полицијата соопшти дека го фатила вандалот и дека го признал криминалот. Не нашле никаков мотив, ама рекоа дека „една од причините би можела да биде што ефектот на алкохолот одиграл улога“.

Ама, секој што бил пијан знае дека е тоа многу работа за пијан човек. Судејќи по позитивните реакции на исто така добар дел од жителите на Епертхаузен, сосема е можно дека на градот едноставно му фалеле пешачки премини и паркинг места, особено што две од „зебрите“ се нацртани на две од најпрометните улици. Но се разбира, нема институција што ќе го признае тоа, макар била и германска.

 

- Реклама -