Пушачките навики на познатите фудбалери и тренери

Во последниот пола век, медицинската наука дојде до општа согласност дека пушењето и ригорозниот режим на вежбање не одат заедно. И навистина, многу доктори во денешно време веќе не ги сакаат старите добри цигари, иако имаше време кога стереотип за сите во медицинската професија беше дека пушат по 40 цигари дневно. Консензусот е дека поради намалениот капацитет на белите дробови, слабата циркулација и стеснетите артерии – притоа ги исклучуваме сериозните состојби како што е хроничната опструктивна болест на белите дробови и ракот – редовното чурење тутун најчесто го смалува долгорочниот спортски потенцијал. Кога веќе тоа е кажано, има неколку одбрани спортисти во современото доба кои им се смеат на препораките на докторите. Ако теравме логика како политичарите, слободно можевме да заклучиме дека овие „избрани“ луѓе се доказ дека медицинската наука и таканаречените „експерти“ не се баш во тек, и дека во реалноста никој не оболува од бели дробови, и дека на луѓето треба да им биде дозволено да запалат цигара во болница, во јасли, на бензински пумпи, и секако, во тапацираните пабови.

Во таа одбрана група на спортисти кои пркосат на откритијата на повеќедецениските истражувања на тутунот, најславните пушачи доаѓаат од светот на фудбалот. Ако ги занемариме старите добри денови кога сите се сложуваа дека пушењето помага во ширење на белите дробови и дека би требало да се практикува во текот на спортските вежби (да, и тоа имало), фудбалерите кои пушат обично се бунтовници, своеглави или боемски неконформисти, или барем луѓе кои сакаат така да бидат перцепирани. И секако дека Јохан Кројф е најславниот љубител на цигарите во фудбалот; разви сериозна навика на пушење и додека играше, и подоцна, кога беше тренер.

Растејќи во Амстердам во шеесеттите години, цигарата – луксуз наменет само за возрасните, секако беше симбол на побуна во време кога во подем беше младата култура во Холандија. Кројф го поврзуваат, а и самиот тој се поврзуваше, со либерализацијата на холандската култура и антиестаблишментот, така што не е претерано чудо што цигарите станаа одлика од неговиот јавен имиџ, покрај неговата опуштена естетика, неизнасилената елеганција и навиката со својата ноншалантност да ги нервира конзервативците.

И додека цигарите за Кројф во младите денови можеби беа изразување на став, набрзо тој стана зависен од својата дневна доза никотин. Народните преданија од Барселона велат дека по својот дебитантски натпревар, првото нешто што го направил е што запалил цигара. Потоа отишол под туш, и веднаш запалил нова штом излегол. Ако му веруваме на големото мнозинство меѓу медицинските експерти дека пушењето навистина ги намалува спортските активности, фактот што Кројф сепак зема титула во Ла Лига со сино-црвените – постигнувајќи 16 гола во процесот – е уште поголемо сведоштво за неговиот раскошен талент. И покрај значајните маани кога станува збор за времето за опоравување и формата, Кројф беше на повисоко ниво од повеќето свои современици, носен на облак од чад од цигари до фудбалска бесмртност и глобално признание.

Кога во 1985-та година Кројф стана тренер на Ајакс, со себе ја поведе и неговата пушачка навика. Од тогаш па натаму, глетката на Кројф со цигара во устата додека седи покрај теренот стана ништо помалку од легендарна. Кројф пушеше за време на натпреварите за да ги смири нервите, а клупата често чуреше како парна локомотива, зашто Кројф палеше една по друга. Конечно престана во 1991, додека беше тренер на Барселона, заменувајќи ги цигарите со лижавчиња, откако му беше вграден двоен бајпас и докторите му рекоа дека ако продолжи да пуши, значително ќе си го намали животниот век.

Кројф во реклама за анти-пушење:

https://youtu.be/2g2xnbue_Vc

Иако откажувањето од пушење секако не ја намали неговата ефикасност како тренер, мислител и филозоф на фудбалот (Кројф следната година со Барса ја освои Лигата на шампиони, и освои уште три титули во домашниот шампионат и неколку купови), тоа не го ни спаси од срцевите компликации кои следеа во продолжение. Холанѓанецот мораше повторно на операција на срцето на крајот на ’90-те, а инфарктот го примора да престане да се бави со тренерска работа кога во 1996-тата си замина од Барселона. Во рекламата погоре, која е снимена набрзо откако ги оставил цигарите, Кројф шутира кутија цигари во орбитата, и вели „Во животот бев зависен само од две нешта: пушењето и фудбалот. Фудбалот ми даде сé, додека пушењето скоро сé ми одзема“. Тие зборови паѓаа особено тешко по неговата смрт од рак на белите дробови во 2016-та, кога се покажа дека сепак медицинскиот консензус изгледа е на место.

Ако цигарата во устата на Кројф беше резултат од некаков мамурлак од контракултурата во ’60-тите, или начин генијалниот ум да се ослободи од стресот, истото би можело да се рече и за пушачките навики на неговите врсници и современици. Така Зденек Земан – чешкиот „контраш“ со култно следбеништво во италијанскиот фудбал, кој предводеше 16 екипи меѓу кои и Лацио и Рома – долго негуваше пушачка навика, која само дополнително ја засилуваше неговата репутација на ексцентрик. Андреа Пирло во еден наврат ја опиша тактиката на Земан како „испитување на крајните граници на реалноста“, што може да послужи и како психолошко наговестување за тоа зошто некој фудбалски тренер уште би продолжил со пушење покрај аут линијата и децении откако Кројф ја запали последната цигара. За Земан, пушењето можеби останува чин на културолошка непослушност, пркос кон современата спортска наука, на истиот начин на кој неговите често наметливи формации им пркосат на вообиачените норми во тактиката.

Иако според сите извори Алзак (регион во Франција) бил конзервативен крај, младиот Арсен Венгер (роден и пораснат таму) сепак уживаше во сочните цигари. Во изјава во 2015-та, откако го казни Војчек Шчезни со солидни 20 илјади фунти зашто пушел во соблекувалната, Венгер рече: „Јас пораснав во паб, таму не можеше да видиш ништо низ прозор поради димот, и ја поминав младоста продавајќки цигари. Пораснав во време кога морав да отслужам воен рок. На крајот од месецот ни плаќаа со цигари. Тоа нé наведе да пушиме. Кога бев младо момче, пораснав опкружен со пушачи, па и самиот пушев кога станав млад тренер“.

И Венгер му го припишува пушењето на стресот, иако е интересно дека тој лично пушењето го идентификува како знак на конформизам, а не бунт, како во претходните примери. Додека Холандија на Кројф беше под силно влијание на конзервативната протестантска елита, која инсистираше на христијанска воздржаност и традиционални вредности, Венгер порасна и стекнуваше морални начела во опуштениот Алзак, за кој е јасно дека бил многу поопуштена средина за пушачи. Сепак, иако безгрижното пушење во Алзак може не било побунителен чин, Венгер сепак бил човек многу заинтересиран за науката на спортот, медицината и психологијата, и како таков сигурно знаел дека склоноста кон цигари нема да му донесе ништо добро.

На некој начин, пушењето можеби беше карактеристично за некогашниот храбар, одважен Арсен Венгер. Тоа беше човек кој кога стана тренер ја освои титулата и стана првак со Монако, наспроти сериското подмитување и корупција на другите, човек кој отиде во Јапонија за да искуси нова култура, а потоа се врати во Европа за да направи револуција во Арсенал во Премиер лигата. Тоа беше човек кој се фати во костец со англиската култура на пијанчење, Манчестер Јунајтед и моќниот Алекс Фергусон, и добро им ја замеша манџата, и покрај тоа што во очите на тамошните медиуми беше само еден „таму некојси Французин“. Беше доволно воздржан и студен за да им се потсмева на големите ризици и опасностите, што е основна особина на секој сериозен пушач кога ја пали новата цигара.

Денес Арсен веројатно би го свртел носот кога некој би запалил циграта, затоа што веќе не е таа неустрашива душа како некогаш. Тој жар на опасноста одамна е изгасен, а е заменет со оган од самосвест и можеби парализирачки страв од сопствената фудбалска смртност, или едноставно грижа за своето здравје. Почнувањето со пушење и возраста кога луѓето обично ги оставаат цигарите зависи од земја до земја, а Арсен тоа добро го знае. Коментирајќи го сега прочуеното видео во кое пуши покрај аут линијата додека беше во Монако – кој се прослави во периодот на инцидентот со Шчезни, Венгер рече: „Пред некој ден на француска телевизија ме прикажаа како пушам цигара на клупата. Не ни помислив дека сум тоа јас. Се сеќавам дека во тоа време Марчело Липи од Јувентус пушеше цигари за време на секој натпревар, цело време“.

И додека Арсен Венгер изгледа ги остави цигарите до моментот кога стигна во Англија, Марчело Липи уживаше во цигарите и пурите и во своите познати денови. Ова е секако својствено за Италијаните и Италија – која ја основа најелегантниот пушач во историјата – Џузепе Гарибалди, и која се држеше до својата љубов кон тутунот и многу долго откако нивните соседи решија да ги забранат. И додека глетката на Липи додека занесено пуши цигара најдобро се вклопува во италијанскиот стереотип за пушењето, Карло Анчелоти делува елегентно со цигара во рака, баш како и Џанлука Вијали. И додека овој првиот е повремено начекуван како дими на полувреме, додека беше во Реал Мадрид, овој другиот пушеше во текот на сите свои играчки денови, а се знае и дека понекогаш палел и штом го заменеле и ќе седнел на клупата.

Пушењето е интегрален дел од италијанскиот национален идентитет и во модерно доба, покрај таквите како Винченцо Јаквинта, Алесандро Неста и Џанлуиџи Буфон, кои се познати по тоа дека кришум пушат по пар цигари. Тоа се само свежи примери, со оглед на тоа дека соблекувалните на Светкото првенство во Италија во ’90-тите веројатно изгледале како задимени сцени од филмовите на Паоло Пазолини. За волја на вистината, и Французите им парираа рамо до рамо кога се работи за фудбалери кои пушат, бидејќи Зинедин Зидан, Давид Џинола и Фабијан Бартез уживаа во тутунот барабар со својата популарност. Тоа е индикативно кога е во прашање етиката на фудбалерите кои пушат, со оглед дека некои се склони кон тоа од висина да им попуваат на овие така добро платени професионалци за тоа што треба да прават со своите тела. Наспроти тоа, навивачите ретко имаат проблем околу овие тајни навики, сé додека фудбалерот игра добро – уште повеќе, нивниот став е некаде помеѓу помиреност и благ восхит – и затоа секогаш ќе постои доза на лицемерие кај оние кои се спротивставуваат на тоа што е најчувана тајна во фудбалот.

Баш како што пушењето беше интегрален дел од идентитетот на француските и италијанските фудбалери, така беше и кај некои од нивните најталентирани колеги од Јужна Америка. Сократес имаше можеби најблизок однос со тутунот, и како човек кој завршил медицина, со тоа што конзумираше цигари ја одигра својата улога до крај. Како образован Бразилец кој се интересира за филозофија и со пушење почна во почетокот на ’70-тите, на него веројатно влијаеше егзистенцијалистичката школа, чии скоро сите претставници обожаваа да чурат. Од друга страна, Сократес многу ги ценеше и Че Гевара и Фидел Кастро, па константниот облак од чад што го следеше можеби беше и оддавање на почест кон неговите политички гледишта, колку и кон неговите интелектуални корени.

Политичкото значење на тутунот можеби беше еднакво и за Марадона, кој ги има истетовирано и Гевара и Кастро. Додека Сократес сакаше да испуши неколку десетина цигари дневно, Марадона почесто беше гледан со пура меѓу забите. Во таа смисла, аргентинскиот герој остана поверен на навиките на своите идоли, отколку неговиот современик од Бразил. Сепак, додека Сократес стана симбол на контракултурата налик на Кројф, предизвикувајќи ја елитата во својата земја со цигара што ноншалантно му виси од устата, глетката на украсениот Марадона од постарите денови, кој задоволно влече дим од огромната кубанска пура, некако помалку потсетува на некаква дисидентска политика, особено кога ќе се земе неговиот озлогласен начин на живот, флертовите со естаблишментот и лежерниот однос кон плаќањето даноци.

Како и да се толкува симболиката на пушењето кај европските (без британските) и јужноамериканските фудбалери, барем можеме да се сложиме дека успеваа да пушат на отмен начин кој им парираше на здравствените импликации.

Иако пушењето на фудбалерите и тренерите може да значи нешто кога е во прашање идентитетот и карактерот, културата или претставата сам за себе, исто така може да е и сосем безначакно. Кога Кројф или Сократес палат цигара, тоа за многумина претставува облик на субверзија, не само заради нивната улога на спортисти, туку и кога е во прашање нивниот капацитет како умни луѓе. Кога Пол Гаскоњ ќе набие две цигари во ноздрвите откако ќе помине ден на медитеранско сонце, тоа е можеби тривијална демонстрација на опирање кон општествените норми и морал. Од друга страна, со тоа што ги прави цигарите безначајни, Гаскоњ можеби препознава некое повисоко чувство на егзистенцијална рамнодушност, за што може да се рече дека уште од сам старт е самата смисла и основа на пушењето.

Оригиналот

- Реклама -