Како Обединетите Нации ја превидоа опасноста од вештачките острови

Од една страна, на крајбрежјата им се заканува сé поголем ризик од бури и покачувањето на нивото на морето. Од друга, крајбрежниот развој станува сé помодерен. Погледнете го Дубаи и неговиот масивен вештачки остров со форма на палма и мапа на светот. Тоа е потентен сигнал на богатство и моќ; покрај сé, градењето на острови е несомнено политички потег. Ваков развој на настаните, се чини, не ѝм паднал на памет на Обединетите Нации кога во 1982 ја составувале Конвенцијата на Обединетите нации за законот за морињата. Иако има дел од полисите што се однесуваат на вештачки острови, јасно е дека организацијата не предвидела дека нивната конструкција може да предизвика големи дипломатски проблеми.

А во свет кој брзо се менува, и физички, и политички, тоа ќе биде проблем кој веројатно ќе се влошува.

Малку нешта ги зголемуваат интернационалните тензии како пристапот до брегови, океани/мориња и нивните ресурси. Климатските промени се закануваат дека дополнително ќе ги зголемат таквите конфликти. Законите на понуда и побарувачка сугерираат дека како што ќе се смалува бројот на достапни крајбрежни имоти, вредноста ќе им расте, а тоа ќе создаде економски и политички притисок не само да се развијат постоечките крајбрежја, туку и да се креираат нови, во форма на вештачки острови. Сето тоа додека некаде на друго место исчезнуваат природните.

Палмите на Дубаи му додаваат околу 300 километри крајбрежје.

Полисата на ОН е во суштина ваква: Во твојата ексклузивна економска зона, која се протега до далечина од 200 наутички милји од твојот брег, можеш да градиш острови – сé додека не се испречуваат на патот на бродовите и не се некаква безбедносна закана. Ако ги напушташ, треба да го собереш „ѓубрето“ зад себе, т.е. да ги „демонтираш“ исто како што си ги изградил. Ако имаш континентално копно (територија) и на друго место надвор од твојата ексклузивна зона (вон границите на државата), и тоа е океј – можеш острови да градиш и таму. На отворено море (што важи за ничија земја) може да гради острови кој сака, под услов „да не предизвикуваат преголем хаос“, што и да значи тоа.

Овие интернационални закони изгледа се базираат на две погрешни претпоставки: дека бреговите се фиксни/непроменливи ентитети, и дека вештачките острови се аполитички нешта, без тенденција да предизвикаат интернационални тензии.

Втората претпоставка е лесно побивлива со примерот на моменталните активности во Јужното Кинеско Море. Таму кинеската влада целото море го смета за своја територијална вода, сé до крајбрежните зони на соседните земји, и покрај фактот што поголем дел од таа вода е многу поблиску до тие други земји отколку до континентална Кина. Има неколку архипелази од мали острови и корални гребени кои другите земји ги имаат приграбено и окупирано како свои. Кина, меѓутоа, е во градежна офанзива – гради мали острови и гребени за да не може да се негира нејзиното присуство во областа.

Еден од тие острови, на Fiery Cross Reef, во последниве години порасна од нула до речиси 270 хектари вештачко копно, покриено со интензивна воена и цивилна инфраструктура, заедно со 3+ километарска писта, атлетска тркачка патека, и кошаркарски терени. Кина има изградено барем пет острови откако почнаа нивна интензивна кампања на присвојување на териториите на Јужното Кинеско Море во 2014-та.

Земјите со своите територијални интереси во областа вратија со иста мерка, градејќи свои острови и населби со инфраструктура. Нивните напори, додуша, се многу скромни со тие што кинеската влада успеа да ги постигне за само неколку години.

Во Конвенцијата на Обединетите Нации за законот за мориња нема ништо што упатува на тоа дека ОН очекувале дека вештачките острови ќе се градат со цел демонстрирање на империјалистичка и воена моќ во спорните води. Единственото ограничување, според полисата, е дека конструкцијата на вештачки острови не влијае на океанската територија што ѝ припаѓа на земјата. Но тоа, во обид да реши еден проблем, создава друг.

Конвенцијата на Обединетите Нации прави јасна дистинкција меѓу природните и вештачките крајбрежја, но во реалноста, границите меѓу нив се нејасни. Исто како што кинеската изградба на острови ќе ѝ помогне да наметне де факто контрола врз Јужното Кинеско Море, со тек на време, историската амнезија ќе си ја заврши својата задача и еден ден вештачките структури ќе почнат да бидат вбројувани во природната околина.

Кога еден гребен, на кој има изградено остров, кој е колонизиран не само од луѓе туку и од флора и од фауна, станува природен? Да се одговори „никогаш“, како што се чини дека тврдат полисите на Обединетите Нации, е и непрактично, и кусогледо. Во полисата е одреден статусот на населените острови, но што со ненаселените вештачки острови? Тоа е нејасно. Јасно е само дека има дупка во законот што Кина се надева дека ќе ја искористи.

Кинескиот Fiery Cross Reef во Јужно Кинеско Море, снимен во мај 2015-та, во раната фаза на изградбата.

Климатските промени ќе го доведат проблемот со менливи крајбрежја во јасен фокус. Не само што вештачките структури со тек на време ќе се натурализираат, туку природните острови ќе исчезнат во морето. Тоа веќе почнува да се случува: Во една неодамнешна студија најдени се шест мали корални острови во Соломонските Острови кои сега се под површината на морето.

Под претпоставка дека „појавата“ на вештачки острови нема импакт врз територијалните права на некоја земја во одредена област, тогаш не би требало да има импакт ни исчезнувањето на природните. Но што ако остров никне на местото на природниот, како одговор на покачување на нивото на водата? Кога го губи својот статус на природен, и кога станува човечка конструкција?

Сите крајбрежја се менуваат и еволуираат со тек на време, и заради човечки, и заради природни фактори. Начинот на кој луѓето го користат копното го афектира и брегот. Кога никнуваат вештачки острови, блиските крајбрежни области се менуваат. Бурите, кои можат да имаат подраматичен ефект на крајбрежјата, се природен феномен сега интензивиран и поттикнат од човечки-генерираните климатски промени и покачувањето на нивото на морето. Крајбрежјата се динамични и да се одвои човечкиот од природниот импакт е речиси невозможно. Пристапот на Обединетите Нации се чини како да им вели на нациите дека имаат една прилика за дефинирање на крајбрежните граници – сé понатаму е „исклесано во камен“. Тоа е едноставно решение, но решение што е неспроведливо и неиздржано во сé подинамичен човечки и политички свет.

Inverse

- Реклама -