Бујрум на мафијашка тура низ Сицилија

Една италијанска туристичка агенција во градот Трапани, во западниот дел на Сицилија, дошла на идеја да организира „мафијашка тура“ – обиколка на неколку локации поврзани со италијанската мафија. Локалните власти не се задоволни.

Сопственикот – Џани Гриљо, во обид да ја смири расправата, на веб сајтот напиша „Мафија тура = антимафија тура“, укажувајќи меѓу редови дека колку повеќе луѓе знаат за мафијата, толку повеќе ќе бидат свесни дека мафијата не е нешто што треба да се велича.

„Тоа е лудост и навреда за целиот град“, од друга страна смета градоначалникот Вито Дамијано, кој побара затворање на сајтот на агенцијата што ги организира турите. Гриљо пак преку одговор на сајтот проба да укаже дека турата е организирана „за информирање и потрага по вистината“ за мафијата.

„Чувствуваме потреба да ги известиме туристите кои ја обиколуваат Сицилија за тоа што е тоа мафија. Нашата мафијашка тура е всушност акција против мафијата“. Дури и мотото на турата е „Мафијата убива, ама (убива) и молчењето“ – стих од поетот и новинар Пепино Импастато, кој и самиот бил роден во мафијашко семејство, ама и убиен од самата мафија на 30-годишна возраст во 1978 година.

Додека траат препирките, „мафијашката тура“ се организира до две варијанти – полудневна и целодневна. Опфаќа задолжителна посета на музејот посветен на мафијата во Салеми (а музеј може, а?) – мало место на околу 20 километри од Трапани. Музејот нуди експонати кои сведочат за односите на мафијата со политиката и религијата, како и убиствата, незаконските дела и новинарските текстови што се однесуваат на Коза Ностра.

Во склоп на турата, туристите можат да ги посетат и местата во кои престојувале познатите мафијаши, како што е Корлеоне – каде биле Салваторе „Тото“ Рина и Бернардо Провенцано, или Кастелветрано – градот на Матео Месина Денаро, познат и како „Дијаболик“ (според стрипот), за кого се смета дека е актуелен бос на сицилијанската мафија.

Во Италија постојат четири организирани криминални групи. N’drangeta важи за најмоќната и најсуровата, а останатите се сицилијанската Коза Ностра, наполитанската Камора, и Sacra Corona Unita од Апуља.

- Реклама -