Камионџиите кои транспортираат стоки за IKEA и другите големи продавници низ Западна Европа, понекогаш со месеци живеат во камионите, покажува истражувањето на BBC.
Дел од возачите, обично вработени од компании од сиромашните држави во Источна Европа, возат и за помалку од 3.50 евра на час. Тие тврдат дека не можат да си дозволат да живеат во земјите во кои работат. Еден од нив, но во името на многумина, вели дека се чувствува како затвореник во кабината.
Романецот Емилијан е еден од тие што понекогаш поминуваат и до 4 месеци во камионот. Таму јаде, спие и се мие. Исто така превезува стока за IKEA, а последната дестинација му била Данска. Вели дека платата што ја носи дома, во просек, е 477 евра.
Да е Данец, Емилијан ќе добива просечна плата од 2.200 евра месечно. Според правилата на Европска Унија, камионски возач кој привремено е далеку од дома, мора да добие гарантирана „минимална плата“ според законот во земјата во која работи. Но, компании како компании, ги користат дупките во законите.
Емилијан е ангажиран од словачката филијала на норвешката компанија за превоз со камиони – Bring, а добива плата како да работи во Словачка, иако никогаш не работел таму. Покажува каде спие – во вреќа за спиење на подот на камионот.
Според европските правила, шоферите исто така треба да одмараат најмалку 45 часа неделно надвор од камион. Но владите никаде ги нема кога се работи за придржувањето до правилата. Емилијан тврди дека не може да си дозволи да спие некаде надвор од камионот, бидејќи добива околу 45 евра за дневни трошоци, со кои не може да ги покрие трошоците за хотел и храна.
За време на работната недела, Емилијан готви и јаде на патот. Вели дека условите во кои живее прават да се чувствува како „птица во кафез“. Тоа не само што е лошо за камионџиите, туку е опасно и за останатите патници на патиштата. Лошите услови и наметнатото лошо ментално здравје на шоферите го зголемуваат ризикот од инциденти.
На прашањето што би сакал да ѝ порача на IKEA, Емилијан ги повикува „да живеат со него една недела. Да го јадат тоа што го јаде тој, да видат што реално му се случува во животот“, нему и на другите транспортери.
По неколку месеци на пат, Емилијан ќе се качи на минибус за Словачка. Словачкиот работодавач Bring се брани дека возачот сам снои одговорност за одморот, и дека може да се врати дома кога сака.
И договорите на другите камионџии, кои работат за некои од најголемите партнери на IKEA, покажуваат дека источноевропските возачи добиваат ниски плати, и покрај тоа што со месеци работат во Западна Европа. Таквиот третман важи не само за IKEA, туку и за други големи компании за домаќинство.
Во Дортмунд, Германија, крај најголемиот дистрибуционен центар на IKEA во светот, можете да видите возачи на камиони како си ги сушат облеките. Некој друг, пак, готви инстант пире на плинско во празната приколка или до камионот. Нема тоалет, нема ни чешма за вода. Меѓу нив ќе најдете и возачи од Молдавија. Ќе ви се пожалат дека земаат просечна месечна плата од 150 евра.
Против некои од доставувачите на IKEA се поднесени тужби. Минатиот месец во Холандија, судот утврди дека во случајот со компанијата Brinkman – која доставува роба на IKEA до Велика Британија и скандинавските земји, платите на шоферите го кршат законот. Судијата ги определи условите за работа на камионџиите како „нечовечки“, и спротивни на правилата на ЕУ.
Едуин Атема – од синдикатот FNV, вели дека IKEA треба да е свесна за условите во кои живеат нејзините возачи. „IKEA е економскиот работодавец на сите овие луѓе. Таа е компанија со толку многу моќ. Таа располага со потребните инструменти за да го промени бизнис моделот додека да трепнеш“, вели Атема.
Од IKEA изјавија дека се многу „растажени“ од откритијата на BBC и приказните на камионџиите. Ветија дека ќе има „строги барања“ до доставувачите, од аспект на платите, условите на работа, и придржување кон релевантното законодавство, како и дека редовно ќе ги „преслушува“ за да провери дали законите се почитуваат.
Тим Ворстал од Forbes има поинакво гледиште, главно од аспект на исплатливоста за компаниите. Тој смета дека BBC намерно го игнорира клучниот дел од приказната, за да звучи како скандал кога всушност го нема. Алудира на 45-те евра дневно што камионџиите ги добиваат за дневни трошоци. „Не би сакал да живеам со 45 евра на ден во Европа, но се може“, вели тој. Поентата му е дека возачите не мораат да живеат во камионите, туку дека тоа е нивен личен избор, за да го максимизираат профитот и да заштедат што повеќе од тие ~1200 дополнителни евра кои ги добиваат месечно, а кои патем не подлежат ни на данок. Тој потенцира дека платите од 200 евра не се така лоши за земјите од каде што доаѓаат возачите, и смета дека ако транспортните компании даваат „нормални“ западноевропски плати, тоа ќе биде нефер трошок за нив.
Ама Ворстал греши. Прво, очигледно е дека не знае како е да се живее со 200 евра во источноевропска држава. Второ, погрешно претпоставува дека ако возачите добиваат нормални плати, тие и понатаму ќе се одлучуваат да спијат со месеци во вреќи за спиење во камионите. Иронично, во еден момент и самиот признава дека и самиот би го правел истото кога би бил во таа ситуација. Трето, останува фактот дека Данецот пак ќе биде платен со минимум 2200 евра месечно, плус тие 1200 за дневни трошоци.