Ferrari планира големи промени за California T

Ferrari планира сериозни промени за следната генерација на California T – основен модел на Скудерија. Веста беше објавена лично од шефот на компанијата, Серџо Маркионе.

Тој појасни дека California T е одличен проект во теорија, кој сепак не се покажал толку успешен во реалноста и иако неодамна моделот доби и дотерување, тоа исто така не помогна. Проблемот лежи во тоа што корисниците на Ferrari – традиционални и потенцијални, тешко ја доживуваат California T како “вистински модел” на италијанската компанија. Сеуште е тешко да се прогнозира какви ќе бидат оние промени кои ќе треба да го привлечат вниманието на купувачите кон новата генерација на California.

– Автомобилот со кој имам најголеми проблеми е California, иако купив за себе два такви автомобили – објасни на салонот во Женева, Маркионе. – Како автомобил California T е голема понуда, но што се однесува до идентитетот, работите се тешки, проблемот ни е да ги убедиме клиентите дека ова е вистинско Ferrari.”

Природно, тврдењето на Маркионе е поддржано и од фактот дека California T првично е замислен како модел за Maserati. Дури кога развојот на возилото сериозно напреднал, од Maserati го пренасочиле на Ferrari, бидејки станало јасно дека целиот проект ќе излезе многу скап. Како бизнис модел California T не гарантирал профит за Maserati, чии автомобили се поевтини, па сепак работите во свои раце ги презел Ferrari.

Според некои извори во Италија, целосно е можно да нема следна генерација на California T, што значи дека 488 GTB ќе ја преземе улогата на основен модел на марката. Но, според последните изјави на Маркионе, поверојатно е животниот циклус на California T да биде продолжен со нова генерација на моделот.

California влезе во производство во 2008 година, а во 2014 доби дотерување. Новата генерација се очекува да излезе на пазарот пред 2020 година.

- Реклама -