Кога словенечкиот дизајнер Саша Махтиг пред 50 години го претстави својот модел на киоск К67, не можеше ни да претпостави дека го чека масовна употреба и за секакви намени. Киосци, дали како поединечен елемент или како модуларно склопена структура, можеа да се видат насекаде низ поранешна Југославија. А богами, ги гледаме и денес.
Се употребуваа за сé и сешто: од продажба на намирници, весници, слатки, до автобуски билетари, па дури и до пунктови за граничната полиција.
„Неговата упорност да го најде своето место е веројатно една од најголемите причини за успехот на киоскот“, вели Маја Вардјан – кустос во Музејот на архитектура и дизајн во Љубљана.
Во теорија, системот К67 овозможуваше неограничен број варијации на склопување на модулот, пишува ArchDaily. Сликата во продолжение ги покрива сите композиции на склопување на киосците.
До 1999 година – кога престана производството на киоскот К67, произведени беа вкупно 7.500 единици. Повеќето останаа во Југославија, но извезувани беа и во странство: во Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, земјите од Советскиот Сојуз, па дури и САД.
Денес никој не може да каже со сигурност колку всушност К67 е во употреба. Но по повод успешната ера на неговото постоење, Музејот за архитектура и дизајн во Љубљана го изложи во сиот свој сјај преку ретроспектива на делата на Махтиг.
Во својот есеј, кустосот Маја Вардјан објасни што е тоа што го истакнува моделот на киоск на Махтиг:
„Го издвојува неговата позиција меѓу архитектура и индустриски дизајн, втемеленост во рамките на модерниот град и општество, учеството во ритуалите на секојдневниот живот на граѓаните, и на крајот, ама не и помалку важно, неговата упорност да го најде своето место“.
Како настана киоск К67
Во текот на своите студии во љубљанската школа за архитектура во раните ’60-ти, Саша Махтиг ја посетувал интердисциплинарната програма Course B на предавачот Едвард Равникар. Равникар инсистирал на анализа, истражувачка работа, експериментирање и конкретни проекти. Неговите предавања влијаеле на многу генерации на архитекти и индустриски и графички дизајнери, а неговиот совет студентите „да ги изнаоѓаат најмалите потрошни материјали и од нив да создаваат нови просторни решенија“ станал главна филозофија на иновирањето на самиот Махтиг.
Додека работел на својот прв самостоен проект на дизајн на кафуле во Љубљана, Махтиг слушнал за идејата на градот да осмисли нови киосци. Самоиницијативно, тој го приложил својот дизајн, кој не само што подразбирал примена на нови индустриски материјали, туку бил и максимално погоден за масовно производство. Идејата им се допаднала на градските челници, а останатото е историја.
Првобитниот дизајн се состоел од пет главни конструктивни и помошни елементи, како што се две варијанти на настрешници и елементи за ентериерот, како полици, расвета и ролетни. Таквиот прототип, обоен во упадлива црвена боја, завршен е во 1969 година.
Во следните години, откако К67 е претставен во прочуеното списание „Design Magazine“, моделот на киоск К67 беше додаден и во колекцијата на престижниот Музеј на модерна уметност (МоМА) во Менхетн. Додуша со одредени пропусти – заради доцнење на испораката, поголемите единици не можеле да бидат внесени во музејот, па на отварањето на изложбата (декември 1970-та), Махтиг начекал две единици надвор од музејот. Штета, зашто само една година подоцна е произведена верзија што можела да се расклопува.
Махтиг важи за дизајнер со немирен дух, визионер, ама и за вешт бизнисмен. Тој отсекогаш инсистирал, на пример, дека К67 во својот развор треба да ги следи промените во корисничките навики и напредокот во индустриските процеси, меѓу другото и за да остане комерцијално исплатлив. И да, неговиот киоск успеа да го одржи урбанистичкиот парадокс – да остане во строгите рамки на шемата на организација на објектите, и во рамките на регулативите и јасните димензии, а сепак да поттикне и да овозможи голема разноликост во истите.
Денес Махтиг има 76 години, но сé уште работи. Од 2003-та година работи на нов дизајн и нова генерација на киосци. Тестирањето се очекува да започне наскоро.
Извор: gradnja.rs