Ја гледавме „најдобрата европска комедија“ – „Човек наречен Ове“

Оригинален наслов (и линк до IMDB): En man som heter Ove
Режија: Ханес Холм
Сценарио: Фредерик Бакман, Ханес Холм
Актери: Ролф Ласгорд, Бахар Парс, Филип Берг
Директор на фотографија: Горан Халберг

Филмски осврт кон филмот

 

Филмската екранизација на новелата „Човек наречен Ове“ е имагинација на шведскиот писател Фредрик Бакман кој низ алузија на конзервативното битосување, тагата, внатрешно разградување на суштественоста, концепира идеја за современата општествена параноја и отуѓување на човекот. По само три години од издавањето на новелата која е преведена на 25 јазици, приказната во 2015-та година доживеа кинематографска визуелизација под режисерскиот потпис на Ханес Холм.

Да се создаде филм кој истовремено го носи парадоксот на комедијата, а од друга страна тежината на веќе успешен роман, ја прави оваа визуелна нарација една од ретките победнички авторски усогласувања, кои истовремено го задржуваат оргиналниот печат на различните медиумски изразности.

„Огорчениот сосед од пеколот“ ќе го опише со зборови Бакман главниот протагонист Ове, додека Холм ќе визуелизира судбина, меморија за најдлабоките човечки стравови, откажувања и борба да се опстане во еден апсурден реалитет преку неограничената љубов кон другиот и опростувањето.

Што може да изгуби човек кој веќе изгубил сé? – прашање кое успешно се одгатнува низ нелинеарна филмска нарација. Ове – кој го игра актерот Ролф Ласгорд, е старец кој по 40 години работно искуство добива отказ и се соочува со смртта на неговата сопруга. Љубовта и причината за актување во животот наеднаш исчезнуваат од неговото секојдневие.

Карактерот кој живее од принципи, детерминираност и строгост кон околината, ќе се соочи со безнадежноста и желбата за самоубиство. Но, непопустливиот нарав на Ове ќе се скрши со доселувањето на новите соседи, миграти од Иран. Семејството ќе успее да донесе нов тек во животот на огорчениот старец.

Режисерскиот капацитет на Ханес Холм креира филм прочистен од декоративност. Естетиката во „Човек наречен Ове“ е фокусирана на драматуршката и актерската игра, сценографијата е секојдневна атмосфера на едно тивко маало во беспрекорен ред, благодарејќи на правилата создадени од Ове и неговиот пријател Руне. Интелигентниот пристап не создава супериорна режисерка интервенција, туку низ стилско и традиционално кадрирање во широк и крупен план ја ослободува филмската визуелизација. На ваков начин, режисерот овозможува гледачот да биде таму во приказната, соживувајќи се со животните искуства на главниот карактер. Како силен адут во описот на дејството е и нарацијата во прво лице, со која се добива чувство на лично соочување со протагонистот.

Филмот не е впечатлив само по вештата актерска игра, туку и по одмерената костимографија и уникатниот израз на креативниот оддел за стилизирање на карактери. За успешноста на филмскиот тим на „Човек наречен Ове“ потврдуваат и двете номинации на овогодинешните награди за „Оскар“, во категориите за најдобар филм од странско говорно подрачје, и стилизирање на карактери (шминка и фризура).

Годинава на Европските филмски награди, режисерот Ханес Холм ја доби наградата за „Најдобра европска комедија“.

Вероника Камчевска

- Реклама -