Доста веќе со тоа хејтот, аман

Најлесниот и најудобен начин да ги затвориш очите кон проблемите што те опкружуваат е да станеш позитивна личност. Така никој не може да те обвини за пасивност, апатија или егоизам. Ти просто го откриваш убавото насекаде – во мрсулавата насмевка на гладното циганче пред Трговски, во љубовта на дечко ти кој ти се вратил откако паралелно сакал и пет-шес други, во мекото „Р“ на премиерот, во соживотот што ќе резултира од наметнати платформи, во убавото зајдисонце што ни го приредува загадувањето, во лајковите на твоите Фејсбук повици за хуманост, па дури и во крекањето на учесниците на разните „Гранд“ аудиции.

Се прашувам каде ли ќе беше светот денес ако големите борци за правда низ историјата на човештвото беа позитивни личности?

„Какво востание бе браат, што ти е. Дај смири се, чил малку, доста веќе со тој хејт!“

Замислете вакви цитати да висат по училниците во училиштата. Или замислете го Крушевскиот манифест:

„Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да го трпиме хејтот и тиранијата на хејтерите, решивме да станеме позитивни личности“… 

Ех, колку сé ќе беше попозитивно…

Ама сепак, позитивна личност не се станува туку-така. За да станете таква, потребно е да исполнувате одредени критериуми. Имено:

• Повторувајте „доста хејташ“ на секои час и 24 минути, без разлика дали се вклопува во контекстот на муабетот или случувањата, дали сте сами или на работа, и какво е времето надвор.

• Обраќајте им се на непознати и малку познати луѓе со „мила“, „срце“ и „сонце(нце)“: на чистачката (со која никогаш не сте се ракувале), на нељубезната продавачка, на новиот швалер на комшиката (кој ве блокирал на паркингот), на колегите со кои сте размениле вкупно 3 збора во животот, на типот што кога бевте трето одделение ве малтретираше и ви ги земаше парите за ужинка (а сега ви е директор), итн.

• Покрај пријателскиот тон, добро е да вклучите и ненадејни изблици на отвореност и доверба. Споделете нешто за својот месечен циклус со колегите на сопругот, со кои сте излегле на вечера во фенси ресторан по службен повод. Нека паднат бариерите. Или охрабрете ја да се сретне со бившиот од пред 10 години, за да го утеши зашто жена му го оставила и поминува низ тежок период. Нека цвета довербата.

Вистински позитивниот човек е отворен кон светот, искрен и без влакна на јазикот (и на умот). Впрочем, како и секој учесник во „Големиот брат“ или член на жири на „X-фактор“.

• Нека ви доаѓа нагон за повраќање од луѓе кои пцујат, ама без да ги хејтате. Покажете го тоа невербално. Нека ви се види во погледот дека сте потресени, зашто сте чувствителен човек и не можете да слушате такви грозотии.

• Смејте се хистерично и без причина, особено ако сте плавуша, а глупите вицови ги кажува средовечен маж со многу пари и бизниси.

• Ако во ресторан некој се пожали дека вашите или нечии деца го гаѓаат со трошки леб, и притоа искоментира дека родителите ужасно ги воспитале, потсетете го дека не е убаво да суди и дека вие лично избегнувате тоа да го правите. Потсетете го и дека децата се наше најголемо богатство и наша иднина.

• Одете на чудни јога часови што чинат по 20 евра од сеанса, за кое време телото ќе ви биде спокојно и ќе се чувствувате како да сте на друго ниво, и тоа заеднички, со група случајни луѓе кои исто така имаат да плаќаат по 20 евра од сеанса, соблечи по чорапи и исполегнати еден до друго поблиску и од лежалките на плажа во Охрид.

Убедувајте ги луѓето дека тоа е многу духовно и насекаде зборувајте за ползите од медитацијата и групното дишење, држењето рака за рака, и нос за нога.

• Оставете ги децата да се валкаат во калта и да си играат со остри предмети. Кои сте вие да им го ограничувате детството?

• Исто така, важно е да им делите ум на луѓето, зашто сепак, вие сте секогаш една мисла поосознаени и чекор понапред, ако ништо друго – затоа што посетувате часови по јога.

• Ако чуете дека некој се разведува, преку ноќ создадете блискост и поплавете го со мудри мисли за животот и универзумот, при што ќе внимавате да не ве задуши со желба и страст – какви што само позитивната личност како вас е способна да разбуди во уморната душа на неосвестениот хејтер.

Честито!

А.А.

- Реклама -