Многу муслимански бегалци се надеваат дека ќе останат во Германија ако преку инстант-процедура станат христијани, пишува Дојче Веле.
Според весникот, разни секти и верски групи го користат стравот на мигрантите од протерување и ги привлекуваат со експресно покрстување.
Првиот контакт со бегалците обично се случува во прифатилиштата, каде мисионерите често ги остваруваат своите социјални ангажмани,
Откако Германија прими голем број мигранти, драстично се зголеми бројот на тие што конвертираат од ислам во христијанство. Евангелистичката и католичката црква, како и независните цркви, во 2016-та регистрираа повеќе од илјада такви случаи – толку немаше во последните 50 години заедно, вели социологот на религија и шеф на Меѓународниот институт за слобода на вероисповед – Томас Ширмахер.
Тој додава и дека меѓу тие што преминуваат во христијанство има и многу такви кои и во своите матични муслимански земји се чувствувале поблиски до христијанството, а сега ја користат миграцијата како прилика да се покрстат во Германија. Најмногу такви има од Иран, а следат Пакистанците и Авганистанците.
„За многу муслимани тоа е многу опасно, бидејќи апостазијата (напуштање на исламот) и бласфемијата се нешта за кои во исламот се предвидени казни“, објаснува Ширмахер.
Како што наведува весникот, меѓу бегалците од Авганистан одамна се расчуло дека преку Тајванците во Франкфурт брзо може да се дојде до потврда за покрстување. Меѓутоа, одрекувањето од верата за тие луѓе најчесто значи исклученост од семејството.
Промената на верата знае да биде причина заради која некои од барателите на азил бараат заштита во Германија, но крстењето во оваа земја подлежи на посебни проверки, бидејќи се работи за „дополнителна причина за барање заштита“.
„Кај луѓето кои не ја менуваат верата заради совеста, Заводот може прилично брзо да востанови колкави всушност се личните мотиви, односно, колку навистина е длабока новата вера“, вели Клаус Улрих Прелс од келнскиот Совет за бегалци. Тој објаснува дека властите или управните судови на новопечените верници им поставуваат специфични прашања за Библијата или мотивите да ја променат верата, и доколку тие не можат да одговорат на тие прашања, јасно е дека ја промениле верата од „тактички“ причини.
Како што пренесува Дојче Веле, на документите на некои мигранти кои поминале низ процес на покрстување може да се најде дури и печат со натпис „Заедница на Мајни во Франкфурт“. Се смета дека таа „заедница“ има поврзаност со радикални христијански движења во Кина, а информативната служба на Северна Рајна-Вестфалија – која е специјализирана за секти, пренесува дека се работи за црква со фундаменталистички обележја и црква која е позната по духовната борба против исламот.