Да беше филм, вакво сценарио можеби и ќе поминеше. Ама не беше, туку се случи на најголемото доделување на филмски награди, и тоа во клучниот момент – кога сите чекаа да биде соопштен најдобриот филм на Оскарите.
Да направиме мала рекапитулација на тоа што се случи:
Камерата зумира на сцената на Dolby Theatre во Лос Анџелес, каде актерите Ворен Бити и Феј Данавеј се на пат да го прогласат главниот филмски оскаровец. Бити отвара црвен плик и гледа во картичката во него, двоумејќи се. Бара во пликот да не има и нешто друго.
БИТИ: „Наградата на Академијата…“
Паузира, погледнува повторно во пликот.
БИТИ: „…за најдобар филм…“
Повторно паузира и погледнува вон сцената, потоа ѝ го предава пликот на Данавеј, која само кратко го погледнува.
ДАНАВЕЈ: „ЛА ЛА ЛЕНД!“
Публиката аплаудира, а филмската екипа, актерите и продуцентите на „Ла Ла Ленд“ се качуваат на сцената за да ја прифатат според многумина заслужената награда за најдобар филм. Продуцентите Џордан Хоровиц и Марк Плат држат говори, но додека Плат зборува, изгледа како нешто да не е во ред. Меѓу остатокот од луѓето од екипата кои стојат на сцената, одеднаш влетува човек со слушалки и ги проверува црвените пликови кои се во рацете на продуцентите.
ПЛАТ го завршува говорот: „Продолжете да сонувате, бидејќи соништата што ги сонуваме денес ќе ја овозможат љубовта, сочувството и хуманоста која ќе ја раскажува приказната на нашите животи во иднина“.
Третиот продуцент, Фред Бергер, го зема својот ред пред микрофонот, но по кратко зборување, се врти кон збунетата сцена што се одвива зад него.
БЕРГЕР: „Изгубивме, патем.“
Се уфрла ХОРОВИЦ: „Направена е грешка. Moonlight, момци, вие добивте награда за најдобар филм. Ова не е шега.“
ПЛАТ: „Ова не е шега. Се плашам дека го прочитаа погрешното нешто.“
ХОРОВИЦ: „Ова не е шега. Moonlight ја доби наградата за најдобар филм.“
Притоа Хоровиц ја зема картата од Бити и ја држи кон публиката и камерите. Камерата зумира, а на картата видливо се чита „Moonlight“. Навистина, јасно е дека Moonlight е победникот.
Водителот Џими Кимел се доближува до микрофонот и потсетува на Стив Харви, чија грешка на Мис Универзум во 2015-та, кога прогласи погрешна мисица за победник, инстантно станува втората најсрамна во историјата на доделувањето на награди. Сега приматот го носат Оскарите.
КИМЕЛ: „Дечки. Навистина е жално ова што се случи. Лично, јас го обвинувам Стив Харви“, со кисела фаца се шегува водителот.
Се врти кон Хоровиц.
КИМЕЛ: „Би сакал да те видам како добиваш Оскар, сеедно. Зошто едноставно не можеме да поделиме по неколку од нив?“
ХОРОВИЦ: „Почестен сум да им го предадам ова на моите пријатели од Moonlight“
КИМЕЛ: „Тоа е многу љубезно од тебе“
Ворен Бити се доближува до микрофонот. Проверува дали го слушаат.
КИМЕЛ: „Ворене, што направи?“
БИТИ: „Сакам да ви кажам што се случи. Го отворив пликот и пишуваше ‘Ема Стоун, Ла Ла Ленд’. Затоа толку долго погледнував кон Феј и вас. Не се обидував да бидам смешен“
Дотогаш, кастот и екипата на Moonlight веќе се качуваа на сцената, потиснувајќи ги луѓето од Ла Ла Ленд, кои веќе се повлекуваа. Камерата се префрла на гостите во публиката, кои се запрепастени. Мет Дејмон исвиркува. Бери Џенкинс, авторот на Moonlight, се доближува до микрофонот.
ЏЕНКИНС: „Ни во моите соништа, многу јасно, ова не можеше да се случи. Ама по ѓаволите со соништата, доста е, бидејќи ова е вистина. О, боже…“
Џенкинс го завршува говорот. Кимел се враќа на микрофонот.
КИМЕЛ: „Па, не знам што се случи. Се обвинувам себе си… Ова е само доделување на награди… Знаев дека ќе заебам… Навистина го направив тоа… Ветувам дека никогаш нема да се вратам…“
Но еве, по ден и кусур од грешката, конечно и официјално се огласија организаторите и одговорните. Имено, за почеток треба да се знае дека Академијата печати по две идентични пликоа за секоја награда, за во случај ако оригиналното биде оштетено, да не се случи да не може да се дознае победникот.
Ако ја стопирате снимката во правиот момент, на пликото што првично го отвара Ворен Бити, јасно се чита категоријата „Најдобра актерка“. Затоа е и логично на картата да пишува „Ема Стоун, Ла Ла Ленд“, како што тврди и самиот Бити, а со тоа и Феј Данавеј по грешка да го прогласи Ла Ла Ленд за победник. Очигледно, кај Ворен Бити завршило погрешно плико.
За пликоата е одговорна ревизорската куќа PricewaterhouseCoopers, во чија надлежност е броењето на гласовите за Оскар и печатењето на ковертите со имињата на победниците. Тоа се потврдува и во соопштението за јавноста. Во тоа соопштение, компанијата ја презема целата одговорност за грешката, објаснувајќи дека тие се еден од двајцата партнери кои единствени знаат за резултатите, и ги делат ковертите на презентерите, „Брајан Калинан, по грешка му го даде на Ворен Бити дуплиот (резервен) коверт за категоријата за најдобра главна актерка, наместо за најдобар филм“, стои во соопштението.
Кратко по соопштението на PricewaterhouseCoopers, и Академијата го објави своето официјално соопштение по повод инцидентот. Во него ги поздрави сите оние кои достоинствено ја прифатија грешката.