Возилата произведени од пред 2005 година, кои ќе сакаат да се сообраќаат низ Лондон, ќе се оданочуваат со нова такса од октомври годинава.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, објави нови мерки за борба против загадувањето во градот, кои вклучуваат воведување на нова такса за автомобили произведени пред 2005 година и со емисија на штетни гасови согласно Euro 4 нормите. За да возат во централниот градски дел, нивните сопственици ќе плаќаат еднократно по 10 фунти (11.70 eвра), како додаток на веќе постоечката „такса за загадување“ од 11.50 фунти. Мерката стапува во сила од октомври оваа година.
Новата мерка се нарекува Т-такса (токсичност) и ќе влијае како за моделите со дизел, така и со бензински мотори произведени пред 2005 година. Додека таксата загадување е така поставена да ги стимулира жителите на централен Лондон да купуваат нови автомобили, целта на плаќање „за токсичност“ е да ги насочи луѓето со стари автомобили кон употреба на јавниот транспорт. Во исто време градските власти не прибегнуваат кон забрани и ограничувања на личната слобода – секој го задржува правото да управува било какво возило, под услов да плати за „отровите што другите се принудени да ги дишат“.
– Шокантно е дека живееме во град со толку отровен воздух, неверојатно е тоа дека нашите деца секојдневно се соочуваат со белодробни проблеми. Ако не направиме драстична промена сега, значи си „играме“ со здравјето на своите семејства во иднина, потенцира Кан.
Градоначалникот се ангажира исто така да се прошири опсегот на Зоната за ултраниски емисии, како и максимално брзо да се заменат градските автобуси со целосно еколошки.