Има 27 години, но веќе е самосоздаден милионер – Феликс Шелберг, многу попознат како ПјуДиПај (PewDiePie), има над 53.5 милиони следачи на својот YouTube канал, и е на првата позиција по популарност на видео сервисот.
Во темите на коментарите во видео клиповите опфаќа сé: од инфантилни пискања при играње хорор игри, до апсурдни размисли околу вестите и интересните теми од социјалните мрежи. За да се посвети на YouTube кариерата, пред неколку години Феликс го напушта и факултетот. Со тоа ги разочарува родителите до тој степен што престануваат финансиски да го издржуваат (поточно, помагаат). И двајцата се топ менаџери во големи шведски компании.
Страста кон создавањето на сатирична онлајн-содржина, сепак, на PewDiePie и тоа како му се исплатува. Популарноста му е толку голема, што во 2014-та South Park направија цела епизода посветена на него. Според податоците на Variety од истиот период, PewDiePie е трета највлијателна и најпрепознатлива личност меѓу американските момчиња и девојчиња на возраст од 13 – 18 години. Опашките од фанови на PewDiePie – неверојатни.
“Кралот на YouTube”, како што го нарекуваат, ја дочека 2017 година не само како најбогатиот „контент-креатор“ на видео платформата, туку и како ѕвездата со најголем број следбеници. Само во последната година, тој одвои 1.3 милиони долари од своите приходи во хуманитарни цели.
Успехот на младиот Швеѓанец, сепак, беше помрачен од медиумскиот скандал кој го предизвика Wall Street Journal. Тројца новинари од угледниот медиум го обвинија PewDiePie за груб антисемитизам и ширење на говор на омраза, врз основа на неколку видео клипови од последните неколку седмици.
Во основата на случајот стои експериментот на PewDiePie со сајтот Fiverr. Fiverr e платформа на која било кој може да постави своја „тезга“, т.е. да понуди било каква услуга за секој што би бил заинтересиран. Минималната цена на еден „таск“, т.е. задача е 5 долари, а авторот може да понуди и дополнителни опции, кои се доплаќаат. Понудата варира од вистински професионални услуги (креирање на лого, на пример), па до „Живеам на Хаваи, ќе ѝ испеам Среќен роденден на девојка ти“ тип на услуги. Страната функционира и во обратна насока, вие можете да побарате услуга, па корисниците што ја нудат аплицираат, а вие одбирате кому ќе му ја доделите (врз основа на рејтинзи, ѕвезди и сл. рангирања).
Како и да е, поентата на PewDiePie беше дека сајтот е срање (има сé поголема понуда од корисници од сиромашните азиски земји, кои истата работа ја завршуваат за поевтини пари), и дека луѓето се спремни да направат сé за мочани 5 долари. PewDiePie решава тоа и да го провери, т.е. да види до каде се границите на прифатливото на дигиталниот пазар. Па порачува некој да држи табла со натпис „Смрт за сите Евреи“, притоа сметајќи дека тоа е толку лоша парола што никој нема да се согласи на задачата.
Ама ете, 5 долари се 5 долари, а во следното свое видео, PewDiePie го пушти видеото што резултираше од неговата нарачка – двајца полуголи Индијци што играат и се смеат додека држат натпис „Смрт за сите Евреи“.
https://youtu.be/4Hg7jTCZ_MM
Дури и во самото видео PewDiePie одбива да поверува што гледа, се извинува за неубавата сцена и се оградува од анти-еврејската порака. Неколку пати истакнува дека никогаш не мислел дека некој сериозно ќе ја прифати нарачката, само за да добие 5 долари (од кои 1$ останува за Fiverr, вие добивате 4$). И почнува линчот. Некои очигледно не ја сфаќаат или одбиваат да ја сфатат иронијата во неговиот експеримент.
Во Wall Street Journal се појавува текст во кој се посочува дека „еврејската“ епизода на PewDiePie е дел од серија од видеа, во кои има неумесни шеги со нацистички симболи. Во еден од тие клипови, Швеѓанецот му плаќа мала сума на еден израелски актер за да се облече како Исус Христос и да рече „Хитлер не направи ништо лошо“. Менаџерите на Fiverr „паѓаат“ во стапицата и му го блокираат акаунтот на актерот, што пак резултира со нова порција сарказам од страна на PewDiePie: „Не е ли иронично, што Евреите некако успејаа да најдат уште еден начин да го заебат Исус?“…
Скандалот достигнува кулминација пред неколку денови, кога под притисок на медиумското незадоволство, студиото Disney решава да го прекине договорот на својата сестринска компанија Maker Studios со PewDiePie. Во меѓувреме, YouTube го запре проектот според кој требаше да снима серијал во партнерство со PewDiePie, а му го исклучи и каналот од програамта за рекламни бонуси „Google Preferred“. Заради нападот во медиумите, финансиските извори на PewDiePie значително секнаа.
Факт е дека Феликс Шелберг често користи нацистички референци во своите онлајн-скечови, но како хипербола, т.е. театрално преувеличување, со кое се иронизира и себе си, и неговата публика. Во основата на критиката против него лежи токму обвинувањето дека со тоа PewDiePie го „нормализира“ Хитлер и идеологијата на Третиот рајх, претворајќи го во невкусен мајтап на интернет, мајтап кој допира до десетици милиони претежно млада публика.
Џејкоб Клифтон од Screener го постави PewDiePie дури и во истиот кош со алт-десницата. Вели дека неговиот однос кон публиката е реципрочен систем и го валидира култот кон машката личност (алудирајќи на култот кон Хитлер), дека „сатиричарите расисти, троловите и латентните фашисти не се во право, а се незауздани и поддржани од големите корпорации“, и дека тоа е „темниот дел од YouTube кој мора да биде идентификуван и запрен“.
А кога Wall Street Journal им го привлече вниманието на Disney и YouTube врз извадените од контекст исечоци од материјалот на PewDiePie, продуцентите, очекувано, решија дека неговата содржина не е подобна за нивната публика.
Но има овде и други пикантерии. Со своите над 1 милијарда корисници, YouTube се претвори во виртуелна територија со своја сопствена гигантска економија и систем од култури, управувани од нов тип на корпорации. А PewDiePie веќе неколку месеци се подигрува со таквиот систем, макар и во сосема општ и невин стил. Тој речиси редовно ја критикува структурата и начинот на кој YouTube се менува, ги исмева ограничувањата и се шегува на сметка на платформата во секоја прилика. Плус, сé погласно ги критикува и медиумите и нивната моќ да ги искривуваат фактите и да ги вадат нештата од контекст.
„Со текот на времето, тој разви неочекуван, непотчинлив и цврсто несериозен политички идентитет, станувајќи најпознатиот популистички реакционер на YouTube“, пишува Џон Херман од New York Times.
„Знаев дека ќе платам цена, ама мислев дека сум PewDiePie и дека ќе можам да се носам. И еве ме денес…“, вели Феликс во една од своите реакции.
Но инстант лепењето на етикети „фашист“ и „антисемит“ врз името на PewDiePie не е нешто со што се согласија сите медиуми.
„Таквата и сличните пракси не само што не се фер, туку се и опасни. И двете тврдења се исклучително сериозни обвиненија, кои бараат сериозни докази. Дури и никогаш да не сте слушнале за Шелберг пред овој скандал, тука станува збор за еден од најпознатите луѓе во светот, кој е прогласен за сеач на расна омраза. Без сомнение тоа ќе предизвика гнев меѓу публиката, а може да дојде и до физичко насилство. Тенденцијата кон вулгарен хумор не го претвора човек автоматски во неонацист“, пишува Дани Ди Пласидо во Forbes.
Самиот PewDiePie тврди дека сé што прави треба да се гледа единствено како сатира и забава. А тоа е јасно за секој што одвоил барем пет минути на видеата на PewDiePie.
„Гледам на содржината што ја создавам како на забава. Тоа не е место за сериозни политички коментари. Знам дека мојата публика го разбира тој факт, и затоа го посетува мојот канал“, вели во едно од серијата видеа што следеа како реакција на целата фама.
Згора на тоа, PewDiePie ги обвинува новинарите за намерно создавање на непостоечки конфликт, создаден со вадење од контекс на исечоци од неговите видеа, коментари и скечови (на една снимка просто покажува со раката кон нешто, а Wall Street Journal тоа го има презентирано како нацистички поздрав). Во последното видео PewDiePie нагласува дека е уште тука и дека уште снима видеа. Завршува со емотивна благодарност кон фановите што го поддржуваат и во тешките мигови, но и со порака до медиумите – среден прст и едно искрено „Добар обид, Wall Street Journal. Обидете се повторно, мајкоебачи“.
https://youtu.be/lwk1DogcPmU
Во меѓувреме, публиката изгледа го препозна „булшитот“. Под новите видеа често ќе видите коментари од луѓе кои за прв пат по години и години користење на YouTube направиле профил, само за да му изразат поддршка на PewDiePie.