Луѓето „летаат“ од пред „само“ 100-тина години, но веќе владеат со небото. Излезете надвор и погледнете во небото на ведар ден, и речиси сигурно ќе видите траги од авион.
Оваа година патничките авиони ќе превезат речиси 4 милијарди патници, покажуваат податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Тоа е скоро дупло повеќе од пред само 12 години, и малку повеќе од половина од населението во светот.
Колку авиони има денес?
Одговорт не е едноставен. И покрај податоците за регистрација и производство, следењето на секој авион во светот не е лесна задача. Според компанијата за анализа – Ascend, вкупниот број на авионите кои во моментот се во употреба е околу 23.600. Во оваа бројка се вклучени и патничките, и товарните летала. Уште околу 2.500 авиони има по складовите.
Според податоците на авијациониот сајт airliners.net, кој ги вклучува сите патнички и воени авиони, без лесните машини, во светот има околу 39.000 авиони, а низ историјата, небото го прелетале 150.000 авиони.
Од колку авиони има потреба?
Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, која е дел од ОН, истакнува дека „глобалната воздушна транспортна мрежа“ го удвојува својот обем на барем секои 15 години. Се очекува дека тоа повторно ќе се случи до 2030 година.
Boeing, еден од најголемите производители на авиони во светот, информира дека ќе има потреба од 39.620 нови авиони во следните 20 години, така што до 2037 година во светот треба да има 63.220, без постарите, кои излегуваат од употреба.
„Прогнозата ни е базирана на комбинација од растот на авиокомпаниите и од замената на старите, веќе неефективни авиони. Нема сомнение дека побарувачката на патниците ќе продолжи да расте“, вели портпаролот на компанијата.
Кои се најголемите производители?
Главно се Boeing и Airbus, со приходи од 90 милијарди и 81 милијарди долари до 2014 година. Секоја година, двете компании се натпреваруваат да испорачаат што повеќе авиони. Во 2016 година Airbus достави 688 авиони, наспроти 748-те на Boeing. Кон крајот на јануари, Airbus имаше нарачка од над 17.000 авиони, главно на моделот А320, додека Boeing има нарачани 5.695 авиони.
Boeing од Сиетл и Airbus од Тулуз се во сериозна меѓусебна конкуренција. На еден настан во јануари, главниот извршен директор на Airbus – Џон Лихи, ја опиша вака: „Колку ни е интензивно соперништвото? Не толку интензивно како тоа на Coca-Cola и Pepsi, но сепак доста интензивно“.
Најпопуларниот модел на Boeing е 737, од кој се произведени 900 примероци од 1967 година, додека семејството на А320 на Airbus порасна до 7.400 членови, од 1988 година. Тоа се двата најпроизведувани патнички авион на сите времиња. На трето место е Boeing 777.
Која компанија има најмногу авиони?
Според податоците од јуни минатата година, убедлив лидер е American Airlines со флота од 1.789 авиони. Во топ 5 листата сите се американски авиопревозници, а Ryanair е на десеттото место, со 363 авиони.
Колку авиони летаат истовремено на небото?
Според податоците на FlightRadar24, кој ги следи авионите на светско ниво, бројот на авиони што летаат во еден ист момент варира зависно од периодот од денот и годината.
„Ако зборуваме за пикот во авио-сообраќајот во текот на целата година, тоа е петок попладне меѓу 14 и 16 часот во јули или август. Тогаш истовремено летаат нешто повеќе од 16.000 авиони. Во истиот период во јануари или февруари, во воздухот има околу 13.000 авиони“, вели Ијан Петченик од FlightRadar24.
Колку авиони се исчезнати?
Меѓу 1984 и 2014 година, без трага се исчезнати 85 авиони, покажуваат податоците на Мрежата за безбедност на воздухопловството. Од нив 26 се патнички авиони, 559 се изгубиле во морето, а 26 се водат за исчезнати додека летале над копно.
Најсвежиот пример е летот 370 на малезиската авиокомпанија. Потрагата по исчезнатиот авион беше прекината минатиот месец, по три години залудна потрага.