Да, некои експерименти покажаа дека луѓето кои се вешти со користењето на електрични четки за заби можат да отстранат повеќе наслаги од оние кои користат обични, „рачни“ четки. Сепак, Томас Вулф од Здружението на германските стоматолози, е на мислење дека разликата не е толку голема за стоматолозите да препорачуваат исклучиво електрични.
„Никој не може да ја помести раката со брзината со која вибрира електричната четка за заби – 30.000 пати во минута, но тоа не значи дека таквите четки се секогаш подобар избор од рачните“, вели тој.
Вулф објаснува дека најважно е механичкото отстранување на забните наслаги, а тоа, според него, се сведува на тоа колку е вешт т.е. колку некој добро ја користи четката за заби, независно од тоа каква е.
„Најважно е да ги исчистите забите од сите страни, а не е на одмет ни подоцна со четката неколку пати да го протриете и јазикот (оние брановити нерамнини на задната страна на четката се баш за таа намена)“, истакнува Вулф.
Ефикасната техника на миење заби подразбира четката да ја држите под агол од 45 степени, пола на забното месо, пола на самиот заб. Потоа со кружни движења, со мал притисок, да миете заб по заб.
Што се однесува до четката, важно е влакната да ѝ бидат што помеки, а главата на четката доволно мала за да може да допре и до задните заби од внатрешна страна.
Електричните четки, пак, се препорачуваат на тие што немаат нерви за долготрајно четкање, и кај кои миењето на последните заби е отежнато заради нивната оддалечена позиција во устата. Предноста на електричните четки е и „оралниот туш“, кој многу темелно ги чисти меѓузабните простори. Маана, се разбира, им е високата цена.