Компанијата за спортски производи Adidas ја обвини Tesla Motors, откако беше констатирано прекршување на авторските права во новото лого на производителот на електрични возила. Тоа претставува три црти, доста слични на логото со кое Adidas е познат во целиот свет.
Жалбата е поднесена до патентниот завод на САД уште минатиот петок, а во неа германската фирма за спортски производи наведува цели 16 причини според кои симболиката со трите карактеристични линии и припаѓа само неа. Се наведува дека логото на новиот Tesla Model 3 премногу личи на тоа на Adidas, кој го користи уште од 1952 година.
Во Tesla Motors очигледно немаат намера да влегуваат во вакви спорови и уште во понеделник – 6 февруари, компанијата ја повлече регистрацијата на новото лого на Model 3. Од производителот на електрични возила најавија дека нивните активности немаат ништо заедничко со тврдењата на Adidas, а одлуката е диктирана од промената на концептот на брендот. Ова беше потврдено и од шефот на Tesla Motors, Илон Маск. Веднаш по неговата изјава на Twitter трите хоризонтални линии беа отстранети и од претставувањето на новиот Model S, на сајтот на производителот на електрични возила.