Милан во последна офанзива по Кака

Раководството на Милан не се откажува од можноста да го ангажира Рикардо Кака во своите редови, без оглед на фактот дека во последните два месеци „Росонерите“ никако не успеваа да пронајдат заеднички јазик со челниците на Реал Мадрид за да дојде до реализација на овој трансфер.

Сепак, на седум дена до крајот на преодниот рок, италијанскиот гигант тргнува во последна офанзива за да се обиде да го врати својот поранешен ас на „Сан Сиро“. Адријано Галијани веќе отпатува за Мадрид, каде што во текот на денот ќе има нова рунда разговори со Флорентино Перез, со цел да биде постигнат договор за Кака конечно да си замине од „Сантиајго Бернабе“, каде што очигледно не се смета сериозно на неговите услуги.

Жозе Мурињо воопшто не го вклучи Бразилецот на списокот на патници за Барселона за првиот меч на „Кралевите“ во Супер-купот на Шпанија, што беше уште една јасна порака до фудбалерот да не се надева на значителна минутажа ниту во новата сезона.

Прочитајте и:  Винисиус се повреди, ќе го пропушти мечот со Ливерпул во Лигата на шампионите

Свесен за ситуацијата во којашто се наоѓа, Кака веќе стави до знаење дека без размислување би се вратил во Милан, дури и би се согласил на намалување на платата, но проблем сепак претставуваат несогласувањата во преговорите меѓу двата клуба.

Имено, италијанскиот вицешампион упорно инсистира само на позајмица на извонредниот плејмејкер, па дури и бара „Кралевите“ да продолжат да плаќаат дел од неговата плата. Ваквата варијанта е сосема неприфатлива за шпанскиот првак, кој инсистира на целосна продажба на Кака и дефинитивно откачување од огромната плата од 12 милиони евра што ја заработува овој фудбалер, кој воопшто не ги оправда очекувањата по трансферот од Милан пред неколку години.

Факт е дека на Милан му е потребен играч со квалитетите на Кака, исто како што е факт дека Реал мора да го откачи Бразилецот за да стигне до Лука Модриќ, па останува да се види каков договор ќе постигнат двата клуба.

- Реклама -