Гомно од комшии, буквално

Сите какаат, па и кравите. Тие не какаат повеќе од другите цицачи, ама какаат пропорционално на својата големина – па ако имаш многу крави, тоа се многу, многу гомна. Фармерите веќе со декади го реупотребуваат изметот од кравите како ѓубриво, а кога не го собираат, изметот се таложи. А ако за некое чудо не ви се допаѓа мирисот на измет (не сме озбилни, нормално), овој купот од кравите нема да ви се допадне ич, особено кога е уште свеж, остар и влажен.

Е баш со овој последниов тип си имаа проблем едни комшии во Њу Брунсвик, Канада. Тие ги тужеа соседите-сточари за намерно таложење на изметот од кравите долж нивниот имот – според весникот Калгари Хералд, резултат од меѓусебна расправија со подолга историја. Купот измет (тој на сликата), мирисал секогаш кога ветерот ќе го дувнел во погрешниот правец, ама и секогаш кога врнело. Исто така, бил толку голем што можел да се види и на Google Earth.

Изметот се појавил во ноември 2013, а бил отстранет скоро година подоцна, во октомври 2014. „Но за тоа време, изметот беше свеж, необработен, влажен, сиров сточен отпад. Смрдеата беше одвратна“, раскажува Дејвид Галант, кој ги тужеше неговите соседи Ли и Ширли Мареј, што за изметот, што и за некои други проблеми.

Дури неодамна судот пресуди во прилог на Галант. Му додели отштета од 15.000 долари, со тоа потврдувајќи дека семејството Мареј го користело изметот како форма на тортура.

„Не се двоумам околу тоа дека овие активности биле започнати од семејството Мареј и дизајнирани да нанесат страв, незгода и малтретирање врз семејството Галант“, рече судијата.

Според Хералд, нејасно е како започнале несогласувањата меѓу соседите, особено со оглед што живеат во рурална област, покрај рурален пат, и на пространи имоти – имот што Галантови во 2001-ва го купиле токму од семејството Мареј.

Како и да е, ете, ситуацијата стигна од куп измет па до правна пресуда, и конечно малку правда за Галант. Ли Мареј, од друга страна, вели дека планира да се жали на одлуката, тврдејќи дека изметот бил стар и „не мирисал толку лошо“. Тој никогаш, вели самиот, намерно не би ставил голем куп од кравји измет близу имотот на неговите соседи само за да ги малтретира…

- Реклама -