Откако Трамп стана претседател, Орвеловата „1984“ се продава „како алва“

1984 – светски познатиот антиутопичен политички роман од Џорџ Орвел, напишан пред точно 68 години, забележува рекордна продажба на сајтот на Amazon во последните неколку дена.

Kласичната приказна за општество кое е контролирано од авторитарна влада преку моќта на говорот, стигна до првото место на листата на Amazon за најпродавани книги и се задржа таму. Ова се случи неколку дена по официјалната инаугурација во која Доналд Трамп положи заклетва и со тоа стана новиот претседател на САД.

Тешко е да се каже која конкретна ситуација ги поврза „1984“ на Орвел и „2017-та на Трамп“, но многумина како главна причина го наведуваат т.н. „Орвелов“ јазик, користен од советничката на Трамп – Кели Конвеј, во преносот на NBC на 22 јануари.

Тогаш таа беше запрашана зошто портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер ја излажал јавноста кога на првата прес-конференција рекол дека за време на инаугурацијата на Трамп се собрала „најголемата толпа во историјата” на САД. Имено, на фотографиите направени од птичја перспектива (фото доле), јасно може да се види дека тоа не е точно и дека фановите на Трамп не можат да се мерат по бројност со 1.8-те милиони луѓе кои ја следеа инаугурацијата на Барак Обама.

ИНАУГУРАЦИЈАТА НА ТРАМП (лево) vs. ИНАУГУРАЦИЈАТА НА ОБАМА

На ова прашање Конвеј одговори дека Спајсер не излажал. Рече дека тој само претставил „алтернативни факти” и едноставно немало начин да се каже со точност колкав бил бројот на луѓе што го следеле настанот.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

„Алтернативните факти не се факти, тоа се лаги“ – возврати водителот на емисијата Чак Тод.

Интервјуто изнуди бројни реакции и коментари, меѓу кои и оној на новинарката на Washington Post – Карен Тимелт, која го протолкува изразот “алтернативни факти” како “орвелова фраза.”

Иако во самата книга овој концепт не постои, асоцијацијата меѓу обидот за замена на вистината од страна на портпаролката и класичното литературно дело, во кое “Војната е МИР. СЛОБОДАТА е ропство. Незнаењето е моќ”, беше брзо прифатена на социјалните мрежи.

Бројот на пребарувања на Google на поимот “орвелски” исто така значително е зголемен од неделата па наваму.

Според истомислениците на Карен, а кои исто така се впуштија во компаративна анализа, изразот “алтернативни факти” кореспондира со начинот на кој јазикот е користен од власта во светот опишан од Орвел во “1984”, чија цел е манипулација и ширење пропаганда.

Орвел пишува и за начинот на кој јазикот може да ја ослабне вистината во своите дела. Во еден есеј од 1946 година со име “Политиката и англискиот јазик”, тој вели:

„Политичкиот јазик – со мали отстапувања тоа важи за сите политички партии – од конзервативците до анархистите – е дизајниран да направи така што лагите ќе изгледаат вистински, а убиството – достојно за почит.“

Продажбата на книгата на Amazon скокна за 4 илјади проценти за една ноќ.

- Реклама -