Во Dr. Strangelove (Or How I Learned To Stop Worrying And Love The Bomb), Кјубрик ја сатиризира нуклеарната трка од Студената војна, а сплетот од околности завршува со детонација на сето нуклеарно оружје во светот.
Со оглед дека Трамп делува „trigger happy“ – најави зголемување на нуклеарниот арсенал на САД и не исклучува користење на нуклеарно оружје во Блискиот Исток и Европа, IFL Science се обиде да замисли што ќе се случи при евентуална нуклеарна војна. Еве малку груба математика.
Во светот моментално има 14.900 нуклеарни боеви глави. Руски се 7.000, а САД имаат 6.800. Велика Британија има 215, Франција 300, Кина 260, Индија 120, Пакистан 130, Израел 80, а Северна Кореја десетина нуклеарки.
Сепак, моќта на нуклеарното оружје на поединечните земји не е иста – САД и Русија имаат моќно термонуклеарно оружје, за разлика од Северна Кореја која има стари бомби на база на плутониум.
Една од најмоќните бомби во американскиот арсенал е B83, со моќ еквивалентна на 1.2 мегатони ТНТ, т.е. еквивалентна на 79 атомски бомби фрлени врз Хирошима. Таквата бомба во земјата остава кратер длабок 92, а широк дури 420 метри. Веднаш по детонацијата, би се формирала џиновска огнена печурка од 5.7 квадратни километри, која би достигнала температура од 83.3 милиони Целзиусови степени. Сите згради во радиус од 16.8 километри би биле потполно уништени. Заради термалната радијација, сé живо во радиус од 420 километри би добило опекотини од трет степен, а под претпоставка да нема ветер, меѓу 50 и 90% од луѓето во радиус од 20 километри би умреле од радијација.
При обидот за проценка на последиците од евентуална експлозија на „сите нуклеарни бомби на светот“, IFL Science ги зема во предвид само бомбите кои ги имаат САД и Русија, но под претпоставка дека сите се моќни како B83. Тоа се вкупно 13.800 термонуклеарни бомби, кои при експлозијата би произвеле енергија отприлика колку што САД трошат за една година.
Кога сите бомби би го погодиле копното и би биле рамномерно распоредени по светските градови, во една секунда би уништиле околу 96 кубни километри површина. Инфраструктурата би била потполно разорена на површина од 232.000 квадратни километри. Зборуваме за површина што е 295 поголема од Њујорк, а едноставно би била збришана. Огнената печурка со површина од 79.000 километри квадратни би уништила сé што ќе допре, а сите на површина од 5.8 милиони километри (3.700 пати поголема од Лондон) би добиле изгореници од трет степен. Радијацијата од сите „здружени“ руско-американски нуклеарни детонации, би контаминирала 284.000 квадратни километри. Стотици милиони луѓе, можеби и милијарда, би умреле во првиот час од експлозијата. Потоа би настапила…
…Нуклеарна зима
Нуклеарната зима е хипотетички феномен кој е сличен со вулканската зима. За време на најголемите ерупции, се создаваат многу аеросоли и маса од фини честички. Тие се многу рефлективни, и ако стигнат до горните слоеви на атмосферата, крајниот резултат е дека можат да ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената, и да ја оладат планетата.
Нуклеарната зима би била многу слична, со тоа што за разлика од вулканите нема паралелно да го загрева светот со огромна експулзија на CO², а фините честички ќе бидат радиоактивни. Вдиши доволно и брзо ќе умреш.
Колку нуклеарни печурки се доволни за нуклеарна зима?
Една студија вели дека 100 детонации од типот на Хирошима ќе произведат доволно црн јаглерод за да предизвикаат „мала“ нуклеарна зима. Тоа би ја намалило планетарната температура за околу 1°C. Ако секоја нуклеака во светот експлодира, ќе има речиси 100-процентно намалување на сончевата радијација што стигнува до површината на Земјата, и тоа на неколку години, што значи дека планетата ќе биде во постојан мрак. Светлината ќе се пробива бавно, и ќе ѝ требаат неколку децении, а можеби и векови. Крајниот резултат ќе биде запирање на целата фотосинтеза, а тоа ќе значи колапс на сите синџири на исхрана. Ќе има масовно исчезнување на живиот свет, а тие што ќе останат, ќе мораат да преживуваат во радиоактивна околина.